Ципрас си го исполни ветувањето, со црвена вратоврска пред пратениците


Малку ми е тешко, но ќе се навикнам, рече грчкиот премиер, кој си го одржа ветувањето и со црвена вратоврска се појави пред пратениците на коалиционите партнери СИРИЗА и Независни Грци.

Обраќањето го започна со коментар околу вратоврската, велејќи дека облозите се за да се исполнуваат.

Неколку часа претходно, како што веќе објави МИА, Алекис Ципрас на средбата со Прокопис Павлопулос, рече дека „нема да се спаси, ќе мора да стави вратоврска“.

Грчкиот премиер денеска го исполни старото ветување дека вратоврска ќе стави само доколку и кога ќе се најде решение за грчкиот долг и земјата ќе излезе од кризата.

Останува енигма, дали можеби вратоврската е онаа што во неделата ја доби во Преспа од неговиот македонски колега, со оглед на тоа дека бојата е иста.

Повод за говорот на Алексис Ципрас, кој наместо во грчкиот Парламент се одржува во палатата Запио во центарот на Атина, е позитивната одлука и договорот за Грција на вчерашниот состанок на Еврогрупата.

За вчерашната одлука на Еврогрупата, Алексис Ципрас денеска го информираше грчкиот претседател, а на почетокот на дијалогот пред камерите, токму вратоврската беше првата тема.