Ципрас: ЕУ не знае како е да се има агресивен сосед како Турција
Европските партнери на Грција не можат секогаш да проценат колкави се и какви се предизвиците да се живее со „агресивен сосед“ каква што е Турција, изјави денеска грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето на Светскиот економски форум во Давос.
Тој нагласи дека ја презел власта во многу тешко време во Грција, кога требало да се справи не само со најголемата должничка и миграциска криза, туку и со „агресивниот сосед, кој понекогаш е непредвидлив со своите воени активности во Егејското Море“.
Ципрас нагласи дека договорот меѓу ЕУ и Турција за запирање на мигрантскиот прилив од март 2016 година бил „тежок, но неопходен“, додавајќи дека за Грција е особено важно да се почитува договореното, да не се крши меѓународното право и да не се загрозуваат грчките национални интереси.
– Во исто време мораме да донесеме одлука што ќе правиме со новото агресивно однесување на Турција, алудирајќи на заканите од Анкара дека е можно нејзино повлекување од мигрантскиот договор.
Според него, лесно е да се биде „агресивен доколку се живее во Луксембург или Холандија, кога соседи ви се Белгија и Луксембург, а не Турција“.
Грција и Турција имаат долга историја на несогласувања поврзани со границата во Егејското море, малцинските права и прашањето на Кипар.