Циндриќ: Имаме квалитет да ги одбраниме титулите


Организаторот на играта на актуелниот македонски, сеха и европски ракометен шампион Вардар, Лука Циндриќ, смета дека „црвено-црните“ имаат квалитет да ги одбранат трофеите освоени мината сезона.

Хрватот во интервјуто за официјалниот магазин на СЕХА Газпром лигата очекува тешки натпревари, бидејќи противниците на средбите со Вардар сега ќе пристапат многу посериозно и помотивирано.

– Први сме во групата на ЛШ, и во СЕХА лигата. Верувам дека ќе успееме барем половина од она лани, да ги освоиме СЕХА лигата и Лигата на шампионите. Сезонава можеби е малку потешко да се оствари тоа бидејќи противниците посериозно гледаат на нас. Лани во Келн дојдовме како аутсајдери. Сега сезонава не сфаќаат сериозно, им покажавме дека вредиме и знаеме, вели Циндриќ.

Тој со Вардар лани освои пет трофеи, беше избран за ракометар на годината во Хрватска, слично признание доби од навивачите во изборот на ЕХФ за ракометар на лигата на шампионите.

И оваа сезона е меѓу најдобрите, дел од почетниот тим на Вардар на натпреварите. Вардар има импресивен рекорд од 17 победи на 18 натпревари сезонава, а Циндриќ постигна 55 гола во СЕХА – Газпром лигата, и е втор стрелец во актуелниот европски и СЕХА првак.

Викендов Циндриќ ќе има шанса за уште еден трофеј, бидејќи во Скопје ќе се игра завршниот Ф4 турнир од СЕХА лигата.