Цигарите значат смрт за 12 отсто срцево болни луѓе


Употребата на тутун и изложеноста на пасивно пушење придонесуваат за приближно 12 проценти од сите смртни случаи кај срцевите заболувања, а елиминирање на употребата на тутунот може да заштити милиони луѓе да умрат од срцев и мозочен удар, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче по повод 31 мај – Светскиот ден без тутун.

Под мотото „Избери здравје, а не тутун“, Министерството за здравство и годинава во соработка со Светската здравствена организација и Институтот за јавно здравје традиционално го одбележуваат Светскиот ден без тутутн.

– Во Македонија, според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2016 година од болести на циркулаторниот систем починале 10.920 лица со стапка на смртност од 526,9 на 100.000 жители. Болестите на кардио-васкуларниот систем учествуваат со 53,5 отсто во вкупниот морталитет и се на прво место во структурата на причини за смрт, изјави Филипче.

Тој посочи дека пушењето претставува докажан ризик за здравјето на популацијата, ризик за болести и глобален јавно-здравствен проблем, поради што неопходно е да се преземат итни мерки за укажување на штетноста од тутунот.

– Со оваа кампања и со заеднички заложби на сите засегнати страни во превенција и намалување на употребата на тутун, можеме многу да постигнеме во унапредување на здравјето на сите граѓани која е најважна инвестиција во општествено-економскиот развој на секоја држава, изјави Филипче.

Министерството заедно со Владата годинава одлучиле Програмата за превенција на срцеви заболувања да се дополни со пет милиони денари.