Центар го стопира спроведувањето на 31 ДУП-биле носени сред ноќ


Советот на општина Центар донесе одлука за запирање на спроведување на 31 Детален урбанистички план за подрачјето на општината.

Оваа одлука, како што е наведено во соопштението од општина Центар, е донесена на предлог на градоначалникот Саша Богдановиќ и ќе трае два месеци.

– Урбанистичко планската документација за овие ДУП-ови не е во согласност со Генералниот урбанистички план. ДУП-овите се стари и планскиот период за кој се донесени е изминат. Запирањето на спроведување на ДУП-овите според параметрите на УНДП, ќе влијае врз загадувањето кое, според нивните истражувања, ќе се намали за 22 до 25 проценти, рече Богдановиќ.

При донесување на голем дел од овие ДУП-ови, кои се носени во доцните ноќни часови, не е изготвен извештај за стручната расправа и јавна анкета.

Како што стои во образложението на градоначалникот, рационалното уредување, услови за хумано живеење, надминувањето на урбаните бариери на лица со попреченост, заштита и унапредување на животната средина, а особено вклучувањето на јавноста во постапката за донесување и спроведување на планската документација ќе бидат основни приниципи по кои ќе постапува општина Центар при изготвување на новите детални урбанистички планови