Целијакија: На еден откриен пациент, има седум неоткриени со алергија на глутен


Кај еден од 4.000 пациенти докторите откриваат нетолеранција или алергија на глутен, протеин кој се наоѓа во пченицата, ‘ржта и јачменот. Притоа, на еден дијагностициран има седум недијагностицирани случаи, рекоа лекарите при одбележувањето на вчерашниот, Светски ден без глутен.

Целијакијата е хронична автоимуна болест на дигестивниот систем. Може да се појави во кој било период од животот. Лек не постои – терапијата се состои во доживотна безглутенска диета.

– Болеста може да има типична клиничка слика која оди со симптоми во гастроинтестиналниот тракт, слабеење, повраќање, течни столици, анемија, епилепсија, мигрена, стерилитет, остеопороза, калцификати во централниот нервен систем, периферна неуропатија, трнење во нозете, нарушена функција на црниот дроб, зголемени вредности на серумските ензими, витилиго, дерматитис херпетиформис со везикули по кожата. Ако ја има оваа кожна манифестација, сигурно имате целијакија. Дури не е потребно ни да се прави ендоскопија и тенко цревна биопсија – рече д-р Стефка Грујовска од Клиниката за детски болести.

Од Здружениот „Без глутен“ бараат да се зајакнат правата на пациентите со нетолерантност и алергија на глутен и и производителите да ставаат на производот признат меѓународен знак кој покажува дали тој производ содржи или не содржи глутен.

Стандардните медицински тестови на испитувањето на молекулите на глутен се премногу ограничени. Во Македонија дури и во голем дел од Европа не се прават.

Кај лицата со целијакија, телото го препознава глутенот како „туѓо тело“ и почнува да реагира напаѓајќи ги сопствените клетки. Со повеќе од 300 симптоми, целијакијата е состојба која е тешка и комплицирана за дијагностицирање. Голем дел од пациентите со години ги чувствуваат симптомите без притоа да имаат точно утврдена дијагноза. Лутаат од еден на друг доктор, се со цел да најдат спас за нивната состојба. Се смета дека целијакијата се јавува откако е поттикната од некој здравствен проблем, како што е вирусна инфекција, бременост, породување или емоционален стрес.