Цела производна линија на „Горење“ од Велење се сели во Валјево


Преселбата на последната преостаната производна линија за разладни уреди од Велење, Словенија во фабриката „Горење“  во Валјево, ќе заврши во април, пренесуваат регионалните медиуми.
Капацитетот на фабриката во Валјево така ќе се зголеми за 150.000 уреди годишно.
Со проширување на производството и изградбата на дополнителните производни хали, „Горење“ Валјево ќе стане центар за производство на разладната техника на „Хисенсе груп“ во Европа.
„Горење“ Валјево, кое во моментот има 1.500 вработени во постоечката фабрика за фрижидери и замрзнувачи, минатата година произведе 672.000 уреди.
Следната година, како што е најавено, „Горење“ има намера да изгради дополнителна хала во Валјево за технологијата за ладење, што ќе значи 1.000 нови работни места и веќе во првата фаза ќе се зголеми капацитетот за дополнителни 750.000 уреди годишно.
Групата „Горење“, која од минатата година е во мнозинско сопствеништво на кинеската Група „Хисенсе“, планира во велење да отвори постројка за производство на телевизори.