Цела година дотурот на стока во Центар нема да смее да се врши од 7.30 до 18 часот


Дотурот на стока во центарот на Скопје и понатаму ќе биде забрането да се врши во период од 7.30 до 18 часот и тоа до крајот на годинава, одлучи Советот на Град Скопје. Практично, Советот ја продолжи важноста на одлуката која стартуваше на почеток на годинава како една од мерките против загадувањето. Одлуката се однесува за дотурот на стока на потегот од „Рузвелтова“ до Железничката станица, од „Илинденска“ до крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, односно од булеварот „Теодосиј Гологанов“ до Јужен булевар.

Возилата и камионите на дистрибутивните компании од 7.30 до 18 часот ќе можат да се движат низ центарот да градот, да се паркираат на паркинзи, но нема да смеат да ја истовараат стоката застанувајќи на улица и тротоари. Оваа забрана не се однесува за фирми кои имаат обезбеден простор за дотур на стока, туку на возилата кои застануваат на тротоари и улици и притоа ги оставаат запалени возилата. Дистрибутерите ќе можат да се паркираат на јавните паркиралишта и од таму да ја доставуваат стоката.

„Иако од почеток имаше реакции особено кај доставувачите на стока, за кусо време се виде дека одлуката е функционала и ништо страшно не се случи. Се покажа дека доставувачите можат да функционираат и со вакво временско ограничување“, изјави градоначалникот Петре Шилегов на денешната седница на Советот, кој практично е предлагач на одлуката за дотурот на стока.

Во образложението на одлуката е наведено дека Секторот за сообраќај ќе изврши усогласување на издадените одобренија–повлекување и издавање на нови одобренија, на правните и физичките лица во согласност со одлуката во рок од 8 дена откако таа ќе стане и правно важечка.

Како и досега, дистрибутерите кои ќе вршат дотур на стока надвор од предвиденото време, ќе бидат казнети со 45 евра или 150 евра. Ако комбињата истовараат стока на улица казната ќе биде 45 евра, а ако се паркирани на тротоар со 150 евра. (Д.Т.Д.)