Хуманитарна ревија: 15 модни дизајнери мрднаа со прст за „Сите стоплени во зима“


Акцијата „Сите стоплени во зима“ која се реализира во рамки на иницијативата „Мрдни со прст” и чија цел е да се собере користена зимска облека за луѓето на кои им е најпотребна, започна во декември и ќе кулминира во МКЦ утре, во 20 часот, со модна ревија на 15  македонски дизајнери на која јавни личности ќе ги претстават нивните креации со користена облека.

„Стотици парчиња топла зимска облека беа собрани во текот на декеври и јануари за да им биде подарена на нашите сограѓани на кои им е најпотребна. Дел од облеката беше редизајнирана од страна на 15 водечки македонски дизајнери кои доброволно се вклучија во акцијата – Никола Булевски, Лидија Георгиева, Јасмина Дракуловска, Олгица Ѓорѓиева, Никола Ефтимов, Горан Костовски – Индог, Јана Манева Чупевска, Силвија Михајловска „Алшар“, Благој Мицевски, Антонија Ристовска, Нина Симовска, Емилија M.Ставрова, Ирина Тошева и Иван Петрушевски – Флим, Јована Филиповиќ, Јана Ацевска „Капка“, и таа во нивните раце доби сосема нов лик, ни изјави организаторот Ана Арсеновска Зафирова.

Модели на ревијата ќе бидат наши познати јавни личности, а влезницата ќе биде – донирана зимска облека. Собраната облека ќе им биде подарена на нашите сограѓани  за што ќе се погрижат организациите „Љубезност“ и „СОС Детско Село“.

Мрдни со прст е граѓанска платформа, чија мисија е да поттикне акција на размислување за индивидуалната одговорност и зголемување на вклученоста во решавање на општествените прашања кои сите нè засегаат, бидејќи секое мало мрдање придонесува за големи резултати и промени. Иницијативата започна пред повеќе од една година и ги поттикна граѓаните да почнат да размислуваат за нивниот индивидуален придонес како и активно да се вклучат во адресирање или решавање на проблемите со кои секојденевно се соочуваат преку бројни настани и акции. Секој граѓанин, граѓанска иницијатива или организација може да стане дел од „Мрдни со прст“. (Л.С.)