Хрватска со Франција во битка и за тениското злато


Неколку месеци по финалето од Светското фудбалско првенство, Хрватска и Франција ќе се сретнат и во финалето на тенискиот Дејвис куп. „Коцкестите“ веќе најавуваат одмазда за фудбалските колеги, иако финалните мечеви од 23 до 25 ноември ќе ги играат на гостински терен, и тоа најверојатно на стадионот во Лил, кој собира 27.000 гледачи.

Требаше да биде рутина, но Хрватите со тешка мака стигнаа до победа во Задар против САД. После првиот ден, Борна Чориќ и Марин Чилиќ не им препуштија ниту сет на Сем Џонсон и Франсес Тиафо, донесувајќи ѝ водство на својата земја од 2-0. Во парови, Мате Павиќ и Иван Додиг загубија во пет сета (последниот во тај-брејк) од Мајк Брајан и Рајан Харисон, а Чилиќ изненадувачки загуби со 3-1 од Сем Квери. Во последниот меч, Чориќ со 3-2 го победи Тиафо, иако губеше со 2-1 во сетови.

„Да не беше неверојатната публика, сигурно ќе се предадев. Тиафо играше одлично, јас бев фрустриран што третиот сет го изгубив, иако водев со 5-1 во гемови, веќе бев уморен… Но, тогаш погледнав на трибините, си реков овие луѓе дојдоа поради мене, морам да се борам до крај. Ова е најважна победа во мојата кариера. Можеби сум победувал позвучни противници, но никогаш претходно не сум ја довел мојата земја во финалето од Дејвис купот. Франција? Дајте ми неколку дена да се одморам, да се напијам малку вино, па ќе зборуваме за нив“, рече хрватскиот јунак.

Франција без поголема мака ја совлада Шпанија со 3-0. Беноа Пер го победи Пабло Карен-Буста, Лукас Пуил беше подобар од Роберто Баутиста Агут, а Жулиен Бенето и Николас Махут во парови ги совладаа Марсело Грањолерс и Фелисиано Лопез.

Франција е бранител на титулата. Досега вкупно 10 пати го освоиле престижниот трофеј. Хрватска беше победник еднаш, а пред три години загуби во финалето.

Ова е последна година Дејвис купот да се игра во класичен формат. Од идната година, 16 најдобри репрезентации ќе играат турнирски меѓу себе.