Хрватска на Мис на свет: Знамето како национален костим


Кина– На островот Санија, во тек се подготовките за изборот за Мис на светот кој ќе се одржи на 8 декември. Деведесет убавици од целиот свет ќе се натпреваруваат за титулата, сопственост на семејството Морли од Англија. Втор по престижност е изборот мис Универзум.

Xрватската мис Ивана Мудниќ-Дујмина ќе се претстави со национален костим –кринолина со црвени и бели коцкички кои наликуваат на знамето на Хрватска. Ја дизајнираше Ивица Скоко и се вика „Гордоста на Хрватска“. Некој го фали храбриот избор, а некои мислат дека фустанот е прекраток и е сиромашeн, не е репрезентативен и отмен.

И годинава, трета по ред, Македонија ќе нема претставник на најпрестижниот избор на убавина во светот.

За дваесет и две години, колку што Македонија ја поседува лиценцата за избор за Мис на Македонија за Мис на светот, на светскиот избор за убавина сме испратиле само 14 девојки, а сме паузирале осум години.

Лиценцата е во сопственост на Лидија Велковска, поранешна Мис на Југославија, која во 1975 година на Mис на светот во Лондон, го освои четвртото место.

Од 1996 година, откако е сопственик на лиценцата, таа има проблеми со  обезбедување на спонзорства за авионската карта и за гардеробата на македонската убавица.

Од година во година македонскиот избор се случуваше јавно, интерно, во престижни локации или во ресторани. Во неколку наврати, Велковска бараше финансиска помош и од државата, како и од сопругата на Претседателот Ѓорге Иванов, Маја Иванова.

Последна Мис на Македонија беше Емилија Розман, наша позната манекенка, дипломиран дефектолог и волонтер во Црвениот крст.

Ланската Мис на светот е Мануши Чилар од Индија.