(Видео) Хрватската министерка што удри дете со автомобил, низ солзи понуди оставка


Хрватската министерка за регионален развој Габриела Жалац, која немала важечка возачка дозвола во моментот кога со возило налета на дете, понуди оставка.
Во сообраќајката што се случи во саботата во Винковци, потешко е повредено девојче, додека претрчувало улица, кога министерката на него налетала со возило.
Девојчето е пренесено во болница, и според хрватските медиуми, брзо заздравува.
Министерката Жалац, со плачење, даде изјава дека го дала мандатот на располагање, вели дека возачката ѝ истекла во јуни 2016 година, а не ни знаела за тоа.
„Не возев без возачка, имам возачка, но истечена е“, додава Жалац, која вели дека секој викенд вози сама.
„На премиерот во саботата му понудив оставка. Му го понудив мандатот на располагање. Не ме оправдува тоа што возачката ми е неважечка. Тоа е сплет на околности. Покрај мојата улица, претрча дете, се обидов да го избегнам, а за среќа од спротивен правец не доаѓаше никој“, вели Жалац.
Таа се извини на јавноста и рече дека немала намера никого да згази, а возачката ѝ е издадена во 2006 година со траење од 10 години, но за тоа не била свесна до саботата.
Вели дека и понатаму е способна да биде министерка. „Разговарав со премиерот, тој ќе одлучи за тоа“, вели Жалац.
Не кажа зошто не дала неотповиклива оставка. Се очекува денеска, премиерот Андреј Пленковиќ да каже дали ја прифаќа оставката на министерката.