Хоџа е советник за внатрешна безбедност, договорот му е на една година, платата 36.000 денари


Поранешниот пратеник во Собранието на Република Македонија, Џезаир Шаќири е времено ангажиран како надворешен соработник од областа на внатрешната безбедност и борба против радикализмот, за потребите на Канцеларијата на премиерот, соопштија од Владата.

Од таму велат дека Џезаир Шаќири, има времен договор со времетраење од една година, со висина на примања од 36.000 денари месечно.

Претходно, поради негативните реакции во јавноста за неговиот ангажман, реагираше и Шаќири. Според неговите зборови, премиерот Заев имал две опции, или да го нападне во село Танушевци или да му обезбеди функција блиску до него, која би била гаранција за неговата физичка безбедност.

– Откако Заев победи на изборите, имавме политички договор според кој, како гаранција за мојата безбедност ќе добијам владина функција и ќе бидам блиску до премиерот, а за возврат Танушевци ќе биде „ослободено“. Всушност, Заев направи проста математика. Или требаше со сила да го нападне селото или да ме проближи до него и да нема проблеми – изјави Шаќири.