Хотелиерите двојно ќе заработат од откажување на учеството на Светскиот економски форум


Швајцарија– Поради одлуката на дел од светски лидери да не учествуваат на Светскиот економски форум во Давос хотелите ќе имаат двојна заработка поради откажување на собите.

Учеството на Форумот го откажаа британската премиерка Тереза Меј, францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Доналд Трамп поради актуелните кризи во нивните држави.

Според швајцарскиот весник „Тагес-Анцајгер“ поради откажувањето на учеството на Светскиот економски форум стотина хотелски соби ќе останат празни. Весникот наведува дека трошоците за откажување на собите во оваа фаза ќе достигнат 100 отсто од цената на собите, што ќе им донесе двојна заработка на хотелиерите.

„Тагес-Анцајгер“ наведува дека американската делегација резервирала соби во вредност од 231.855 долари во хотелот со три ѕвезди „Мадриса Лоџ“, потоа за соби во хотелот со пет ѕвезди „Квеленхоф“ резервирале соби за 103.935 долари.

Светскиот економски форум почнува на 22 јануари, а бројот на учесници е ограничен на 2.500.

На Светскиот економски форум ќе учествуваат претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за економија, Крешник Бектеши, потврди за Независен весник владиниот портпарол Муамет Хоџа.

-Имајќи предвид дека Владата на Република Македонија годинава ќе се насочи кон креирање политики за уште поголем развој на домашната економија, македонската делегација на Светскиот економски форум ќе се фокусира на остварување на контакти и отворање нови можности за економска соработка со развиените земји. Во Давос секоја година на едно место се собира светската економско – политичка елита, а присуствуваат и над 3 илјади светски лидери од сите области. Токму затоа форумот претставува одлична прилика за создавање нови пријателства и продлабочување на соработката со развиените европски, но и светски земји, велат од Владата.

Во рамки на Светскиот економски форум, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе оствари средби со Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг,  со еврокомесарот Јоханес Хан, како и со други високи гости.

Заев лани, по 15-годишната пауза за прв пат како македонски премиер ја претставуваше земјата на Светскиот економски форум во Давос придружуван од десетина владини претставници. Потоа дојде првата историска средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас, каде што двајцата премиери го скршија мразот за да го решат десетгодишниот спор околу името. Само една година подоцна беа забележани конкретните резултати од тој состанок.