Хистерија или десничарска симфонија за името
– Спорот со Грција бил отсекогаш извор на политички профит. Оној што се става во одбрана на името добива дивиденда, додека оној што се залага за компромис е стигматизиран. Ова според универзитетскиот професор Денко Малески, првиот шеф на македонската дипломатија, е главната линија на поделба во македонското општество во однос на долгогодишниот билатерален проблем, кој во последната деценија ги загрозува максимално евроатлантските перспективи на државата.
Разногласијата околу ова прашања се разгореа последната недела, паралелно со интензивирањето и менувањето на форматот на преговорите меѓу Скопје и Атина под покровителство на ОН. И додека македонската и грчката дипломатија се речиси во постојано заседание на различни нивоа и во јавноста скржаво излегуваат различни предлози и решенија, во домашната јавност се создава критична маса која бара прекинување на преговорите. Тоа е, главно, заедничкиот именител на писмата, апелите и петициите што пристигнуваат деновиве од различни табори, во што предничат десничарски ориентирани интелектуалци и политичари. За разлика од десничарите во Грција кои организираа протести за името, народните партии во земјава засега се воздржани, а во нивно име зборуваат експерти, политички набљудувачи и претставници на дијаспората. Протестите што се одржуваат одвреме-навреме пред парламентот за „одбрана на името“ имаат посетеност што е засега занемарувачка.
Во меѓувреме, главната опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, чие ново лидерство е соочено со дипломатски притисок за постигнување консензус околу стратегиските прашања на државата, засега е главно молчелива во однос на преговорите, држејќи се до генералните и познати ставови за решение кое не би навлегувало во идентитетот, не би предизвикало уставни промени и би било одобрено на референдум.
Сепак, Малески оценува дека главната причина за поделбите околу прашањето за името не е од идеолошка природа, туку во насока на остварување одреден политички бенефит. Легитимно е, вели тој, интелектуалци да влезат во конфликт со власта за одредени нејзини политики, но неоправдано е да се обвинува за предавство на невидено.
„Судир на интелектуалци со Владата е нешто вообичаена. Тоа е дел од демократијата и никому не може да му се оспори како право. Она што мене ми остави лош впечаток е тоа што се зборува за предавство, што се обвинуваат луѓето што ја водат државата дека ќе бидат запаметени како предавници од идните генерации. Таков јазик е недозволив и неприфатлив“, вели Малески.
Според него, хендикеп на актуелната влада е што нема јасно дефиниран став и критика за претходните политики, затоа што се обидува да создаде внатрешно-политички консензус по клучните прашања од надворешната политика.
„Проблем на оваа влада е што нема прецизна надворешна политика, свој став и своја критика за поранешната гарнитура и нејзините политики кои нѐ доведоа до овој ќор-сокак, за луѓето да можат да сфатат дека вртиме нова страница, дека има нова политика. Не правејќи го тоа, Владата се обидува да создаде единство и внатрешен мир – со претседателот и опозицијата, чии ставови, сепак, се поразлични. Тоа не е добро, затоа што човек може да биде многу пристоен и пак да каже што не е добро и што треба да се смени“, вели Малески.
Во однос на реакциите во јавноста за текот на преговорите, Малески вели дека оние што испорачуваат услови предвреме не ги познаваат закономерностите на меѓународната политика.
„Не е во ред да се условува поддршката со што било пред да се види што може да донесат преговарачите. Ако некој сака да дојде на бел коњ за ова прашање, тоа секако се премиерот и шефот на дипломатијата. Но работата е што реално можат да донесат“, вели Малески.
Здружението ФРОДЕМ, во кое членуваат главно ветерани на ВМРО-ДПМНЕ кои не се согласуваат со политиките на матичната партија, излезе вчера со предлог Македонија да влезе во преговори со Турција за влегување во конфедерација, како излез од агонијата околу спорот за името. Причина за ова, според ФРОДЕМ, е тоа што ниту раководството на ВМРО-ДПМНЕ ниту актуелната власт немаат чувство и не сакаат да го решат проблемот со името преку Генералното собрание на ОН, за, како што се наведува, на тој начин, да ги задржиме името и национално достоинство.
„Нашиот јужен сосед долги години си поигрува со нашето трпение, достоинство, толеранција и, спротивно на сите цивилизациски норми, настојува по секоја цена да ги промениме нашето име, идентитет, јазик и Устав. Сакаме, по којзнае кој пат, да ги потсетиме нашите јужни соседи како и целокупната светска јавност дека изборот на државното уставно име на секоја држава е под строга внатрешна јурисдикција“, се вели во соопштението на ФРОДЕМ.
На прашање зошто токму сега се засилуваат реакциите во јавноста околу преговорите за името, Кекеновски вели дека тоа е поради сѐ појасно дефинираните грчки позиции за навлегување во македонскиот идентитет и за промена на македонскиот Устав, преку формулата ерга омнес.
„Со Турција, пак, како потврден пријател на Македонија, немаме отворени прашања. Тие го почитуваат нашиот територијален интегритет и национален идентитет. Освен тоа, Турција е членка на НАТО и би имале своевидна гаранција за заштита на нашиот суверенитет и безбедност, во случај на нивно загрозување“, вели Кекеновски.
Во текот на викендот над 200 интелектуалци – академици, универзитетски професори, јавни личности… меѓу кои има и многу поддржувачи на политиките на ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власт, излегоа со отворено писмо со кое бараат од политичките лидери да прекинат преговорите за името. Еден од аргументите за тоа е дека ургентното решавање на спорот предизвикува несигурност, страв и можен внатрешен конфликт. Потписниците бараат да престане и, како што велат, пропагандата за постоење национален консензус и за тоа дека преговорите се водат наводно само за промена на името.
„Бараме веднаш да почнете консултации околу пристапот што упорно се обидувате да го сокриете. Да ги прекинете преговорите со посредство на Метју Нимиц и да се обратите до Генералното собрание на ОН, како единствена меѓународна инстанца во која Македонија не е Давид наспроти моќниот Голијат, туку е рамноправна членка со сите држави кои ја признаваат под уставното име. Да се стави крај на употребата на референцата и да се донесе резолуција на Генералното собрание на ОН со која на Македонија би ѝ се гарантирал непречен прием во меѓународни организации под уставното име“, се наведува во писмото. Меѓу неговите потписници, инаку, можат да се видат многу познати имиња, меѓу кои е, на пример, амбасадорот Јован Донев, кој е сега член на Советот за безбедност кај претседателот Ѓорге Иванов, поранешната пратеничка Солза Грчева, која беше исклучена од СДСМ, актерот Роберт Вељановски, кој беше директор на Драмскиот театар за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ…
Со отворено писмо до македонските власти се јавија и Македонци од Австралија, кои, исто така, меѓу другото, бараат прекинување на преговорите со Грција. Во писмото стои дека македонските иселеници во Австралија се против референдум, промена на Уставот и ратификација на меѓународен договор со цел, како што е наведено, промена на името на државата и на идентитетот на нацијата.
Александра М.Митевска