Хирург од Гостивар го доби највисокото признание од Лекарската комора


Д-р Гафур Мемети, специјалист по општа хирургија од Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ во Гостивар е добитник на Плакетата „Св. Наум Охридски“, највисокото признание на Лекарската комора на Македонија.

Наградата на Мемети му беше врачена на свеченоста која се одржа завчера во Битола, каде Лекарската Комора одбележа 26 години од формирањето.

Д-р Мемети е активен хирург за кого колегите велат дека на повик не знае да каже – не, сеедно дали станува збор за викенд, празник или вонредни состојби. Тој е и еден од основачите на хируршкото одделение во некогашниот Медицински центар, односно сегашната општа болница во Гостивар, како и на ургентната единица, една од првите во државата.

Доц. д-р Кaлина Гривчева – Старделова, претседателка на Лекарската комора, рече дека Комората ќе биде онолку моќна и успешна колку што ќе успеат да се обединат и договорат околу заедничките идеи и цели.

-Ми претставува големо задоволство што Лекарската комора на Македонија го препозна проблемот и ги поддржа младите колеги кои се на специјализација во барањето на решение на нивниот незавиден статус. Како професионална асоцијација на доктори го поздравуваме понуденото решение од страна на Министерството за здравство, но во исто време, јасно истакнуваме дека тоа е само парцијално решение и дека специјализациите налагаат системски приод со кој ќе се надмине ова отворено прашање во здравствениот систем. Практиките на земјите на ЕУ и другите држави кон кои тежнееме, покажуваат дека коморите имаат клучна улога во сегментот на специјализациите и стручното доусовршување на докторите – рече Гривчева – Старделова.

Свечениот собир го поздрави и првиот човек на Битола, градоначалничката Наташа Петровска, која на Комората и порача да продолжи да делува во интерес на докторската професија.

-Мислам дека како доктори почнавме да ја враќаме нашата позиција во општеството и во здравствените случувања, место кое го заслужуваме и ни припаѓа како лекарска фела“, истакна д-р Илбер Бесими, зaмeник претседателот на Лекарската комора.

Според него, за Комората претставува предизвик да работи и да се залага за подобрување на условите за работа на секој лекар, за подобрување на нивниот социјално – економски статус, да се инсистира на нивното подобрување, да се залага за планирана и современа едукација и усовршување на колегите.

Мината година, по повод јубилејот 25 години Лекарска комора на Македонија, за прв пат беше воведена посебна награда за најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава. Наградата го носи името на прим. д-р Димитар Ивановски, најдобриот студент од првата генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, кој дипломирал 1953 година. Награда која во исто време е и вредносен ваучер со кој се покриваат трошоците за полагање на стручниот испит, добиja: Марија Тодоровска (просечна оценkа 9.83), Медицински факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“- Скопје, Леандра Кадриу(просечна оценkа 8.51),Факултет за медицински науки, Државен универзитет во Тетово и Анастасија Нацева (просечна оценkа 9.80), Факултет за медицински науки, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Наградите на најдобрите студенти на медицинските факултети во земјава им ги врачи г. Владимир Ивановски, син на д-р Димитар Ивановски.