Хеликоптерски транспорт за пациентите


Министерството за здравство почнува постапка за физибилити-студија која треба да покаже кој е најповолниот начин за хеликоптерски транспорт на пациентите од една болница во друга. Министерот Венко Филипче за „Независен весник“ вели дека со студијата сакаат да го најдат вистинскиот модел и дали тоа ќе биде со воспоставување на јавно-приватно партнерство. Идејата што сакаат надлежните да ја пресликаат во Македонија е од европските развиени земји.

„Има модели што сакаме да ги разработиме за да имплементираме хеликоптерски систем. За сите итни медицински состојби, кои бараат ултрабрз транспорт и да се намалат компликациите, е потребен хеликоптерски превоз. Понатаму може да испитаме како тоа може да се вклучи и во други сервиси, како на пример за спасување“, вели Филипче.

Филипче додава дека плановите на Министерството е и да се набават 12 комбиња за потребите на Брзата помош, а 9 ќе бидат доделени преку донација. (В.М.Л.)