Хајко Мас: Не можам да си замислам подобар момент за посета


Претстојниот референдум претставува одлучувачки патоказ за натамошниот пат на земјата кон ЕУ, но сепак Македонците се тие кои треба сами да одлучат во која насока ќе се движат, вели шефот на германската дипломатија Хајко Мас во интервју за МИА непосредно пред неговата денешна посета на Македонија.

– Не можам да си замислам подобар момент за посета. Владите на Скопје и Атина во јуни испишаа историја. Спорот за името стоеше 25 години меѓу Македонците и Грците. Сега постои историска шанса за надминување на овој спор, а со тоа би се надминала и една од одлучувачките пречки за приближувањето на Скопје кон Европската унија. Сакам да ги охрабрам Македонците да продолжат по овој пат. Истовремено јасно ќе пренесам: ние стоиме зад европската перспектива на Западниот Балкан. Тоа ќе остане така – вели тој.

На прашањето што ако референдумот не успее, Мас вели:

– За нас овој референдум претставува одлучувачки патоказ за понатамошниот пат на Скопје во правец на ЕУ. Сепак, на крајот, Македонците треба сами да одлучат во која насока ќе се движат. Оваа одлука никој не може да им ја одземе, и добро е што е така. Важно е што е можно поголем број граѓани да го искористат своето демократско право и да гласаат.

Тој смета дека и Грција ќе профитира од стабилноста и развојот во регионот. Во Договорот гледа историска шанса за двете земји – став што ќе го истакне и за време на неговата посета на Грција.