Хашкиот трибунал ќе престане со работа на 21 декември


Церемонијата за затворање на Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија, ќе се одржи на 21 декември во Хаг, а 10 дена подоцна тој официјално ќе прекине со својата работа, информираат неименувани извори од Трибуналот.

До крајот на ноември Трибуналот во Хаг треба да ги заврши сите случаи на воени злосторства на прва и втора инстанца. Пресудата за поранешниот воен командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, ќе биде објавена на 22 ноември, а последната одлука по жалба на пресудата – на 29 ноември.

Советот за безбедност на ОН создаде Меѓународен механизам за преземање на нерешените дела на Трибуналот, вклучително и случајот на Ратко Младиќ, ако пресудата биде обжалена.

Меѓународниот трибунал за Југославија беше формиран на 25 мај 1993 година со резолуција на Советот за безбедност на ОН, а веќе 24 години тој води дела против 161 обвинет, од кои повеќе од половината беа Срби.