Харисон Форд го критикуваше Трамп: Ако продолжи вака, планетата ќе ја одведе во пропаст


Холивудскиот актер Харисон Форд ги критикуваше ставовите на американскиот претседател Доналд Трамп заради тоа што веќе со месеци го негира проблемот со климатските промени.
Актерот смета дека актуелната американска влада е запозната со сите проблеми, но поради политиката која ја води, не сака да влијае на решавање на овој проблем.
„Секаде во светот, раководителите, и во мојата земја, заради зачувување на сопствените интереси ја негираат или ја оцрнуваат науката. Тие се на погрешната страна на историјата“, рече Форд на меѓународниот собир одржан во Дубаи.
Форд изрази голема загриженост и жалење поради тоа што многу луѓе ширум планетата ќе претрпат најголеми последици.
Легендарниот актер се осврна на активностите на актуелната американска власт и нагласи дека Трамп неколку месеци по доаѓањето во Белата куќа во 2017 година одлучил САД да се повлечат од меѓународната спогодба за борба против климатските промени, наведувајќи дека таков договор ќе го загрози американското стопанство.
Спогодбата која во 2015 година ја потпишаа повеќе од 200 земји се обврзаа да се намали глобалното загревање на помалку од два степени Целзиусови. Доколку не биде постигната целта, научниците предвидуваат дека ќе дојдат до екстремни климатски промени.
„Денеска ни е потребна природата повеќе од некогаш, ако сакаме да преживееме на оваа планета“, заклучи Форд.