Харадинај во Бонстил: Изјавите за поделба на Косово се само шпекулации


Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај го посети денеска кампот на американските трупи во Косово, Бондстил, од каде што порача дека „изјавите на српски свештеници дека постои план за поделба на Косово“ немаат никаква основа и се само шпекулации.

Харадинај денеска во Бондстил се сретна со командантот на кампот, Ник Дучиќ, кому му изрази благодарност за приоднесот на војниците од Соединетите Американски Држави (САД) за Косово.

– Американските војници имаат завршено извонредна работа за Косово и дојдов тука да им се заблагодарам за нивниот придонес, рече косовскиот премиер.

Командантот на кампот Бондстил, Дучиќ, рече дека КФОР има мошне добра соработка со Безбедносните сили на Косово (ФСК) и ги повика косовските Срби да не ја напуштаат оваа формација, како и да се вклучат во другите косовски институции.

Посетата на Харадинај е прва посета на еден косовски премиер на американскиот воен камп, кој се наоѓа во близина на Урошевац.