ФФМ донираше опрема на женски клубови


Фудбалската федерација на Македонија во насока на развој на женскиот фудбал донираше опрема на 42 клуба од Првата лига и регионите во државата.

Одлуката за донација за поздравија екипите и ја оценија како позитивен чекор, исто како и реактивирањето на женската репрезентација.

– Многу важен проектот за развој на младинскиот фудбал во женска категорија, ќе биде поттик за девојчињата и тренерите. Ќе придонесе за нивно поголемо вклучување во фудбалот, а за тренерите и за селекторите ќе биде поттик за подигање на квалитетот на женскиот фудбал во Македонија. Сите ние кои сме вклучени во женскиот фудбал знаеме дека можеме да напредуваме и тоа ќе го потврдиме, изјави Снежана Трпевски, претседател и тренер на ЏИ-ЏИ Скопје.

Сличен е ставот и на стручњаците и фудбалските работници во женскиот фудбал.

– Дефинитивно мотив повеќе за девојките е тоа што е реактивирана женската А репрезентацијата на Македонија. Ќе продолжат да играат фудбал и да ја претставуваат Македонија, се надевам на многу подобар начин, изјави Астрит Мерко, тренер на АС Јунајтед и селектор на Македонија до 19 години.

Со одлука на Управниот одбор на ФФМ, женската А репрезентација повторно е реактивирана, а прифатен е и предложениот проект за развој на женскиот фудбал. Од следната натпреварувачка сезона е донесена одлука и за формирање младинска лига за девојчиња.