Фудбал: Шкендија со три бода од Кратово, Вардар пукна „петарда“ во Тетово


Шкендија ја задржа предноста од 11 бода на врвот на табелата во однос на Вардар по мечевите од 15. коло од домашниот фудбалски шампионат. Тетовци попладнево, како гости, го совладаа Силекс со 2:0 со головите на Стенио Жуниор во 50 минута и на Бесарт Ибраими во 74. Со три бода од гости се враќаат и вардарци кои триумфираа над Ренова со 5:2. Првиот погодок за скопските „црвено-црни“ беше автогол на Велија во петтата минута, во листа на стрелци се надоврзаа уште Блажевски од пенал во 13., Максимов во 30., Фелипе во 45. и Итало во 90. Двата за домашните ги постигна Гафури во 26 минута и во 32.

Голеада имаше и во Битола каде Академија Пандев славеше над Пелистер со 4:3. Вареловски во 18 минута, Балдовалиев во 34. и во 47. и Стоилов во 52. погодија за „академците“, Трифуновски во шестата минута, Попзлатанов во 56. и Ковачев во 82. реализираа за битолчани.

Убедлива победа забележа и Работнички. Дебармаалци со 4:0 ја поразија Победа и го намалија заостанувањето зад Силекс на три бода. Два погодока постигна Џефри Чинеду (30 минута и 56 минута), по еден дадоа Маркоски (4 минута) и Сержињо во 74.

Поради обилните врнежи од дожд одложен беше дуелот меѓу Скопје и Шкупи.

Прва лига, 15 коло: Ренова – Вардар 2:5, Силекс – Шкендија 0:2, Работнички – Победа 4:0, Пелистер – Академија Пандев 3:4. Одложен беше мечот меѓу Скопје и Шкупи.

Табела: Шкендија 37, Вардар 26 (-2), Академија Пандев 24 (-1), Силекс 22, Работнички 19 (-1), Ренова 17, Пелистер 15, Шкупи 15 (-1), Победа 15, Скопје 9 (-1).

Идно коло (19 ноември): Шкендија – Скопје, Вардар – Пелистер, Академија Пандев – Работнички, Победа – Силекс, Шкупи – Ренова.