Фудбалерите на Реал Мадрид ги освоија речиси сите наградите на УЕФА


Ждрепката во Монако за групната фаза на Лигата на шампионите, УЕФА ја искористи да ги прогласи и најдобрите поединци за минатата сезона во елитното натпреварување.

Она што е на прв поглед може да се забележи е дека играчите на Реал Мадрид по освоената трета титула во низа во Лигата на шампионите заслужено ги добија речиси сите награди.

Голманот на Реал Мадрид и на репрезентацијата на Костарика, Кејлор Навас, е прогласен за најдобар голман за минатата сезоната во Лигата на шампионите.

Капитенот на Реал, Серхио Рамос, во конкуренција на соиграчите Марсело и Рафаел Варан, ја доби наградата за најдобар дефанзивец.

Фудбалерот на Реал и капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, беше избран за најдобар фудбалер за врска.

Кристијано Роналдо, кој летово премина од Реал Мадрид во Јувентус, ја доби наградата за најдобар напаѓач за минатата сезона. Роналдо не присуствуваше на церемонијата на доделувањето на наградите.

Наградата на претседателот на УЕФА која се доделува за животно дело ја доби поранешниот англиски репрезентативец Дејвид Бекам.