Фрау Меркел не доаѓа со празни раце
Ерол Ризаов
Најголемиот празник, Денот на независноста, ќе ни го честита германската канцеларка Ангела Меркел и тоа лично во главниот град на државата. Надежите се големи оти ова не е обична рутинска балканска посета. Ова е прва официјална посета на еден германски канцелар на нашата земја која е пред историски референдум, кој ќе ја означи иднината на државата и на граѓаните.
Очекувањата се дека најмоќната дама во светот нема да дојде со празни раце, туку со честитката ќе ни ја врачи и гаранцијата Германија да застане цврсто зад Македонија со силна поддршка, како што тоа своевремено го направи со нашите соседи, да ни го отвори патот да ја оправдаме независноста на државата и да станеме дел од европското семејство.
Зборовите на Меркел имаат голема тежина, тие не се празни ветувања како на балканските политичари. Граѓаните на Македонија тоа го знаат, ѝ веруваат на Меркел, а во Германија гледаат голем пријател и најголем и најмоќен наш економски партнер од земјите членки на ЕУ. Конкретно искажаната поддршка од Меркел ќе ја отстрани недовербата во искреноста на ЕУ која ја зафати Македонија по одредувањето на датумот за почеток на преговорите за идната година, иако очекувањата беа тие да почнат веднаш по потпишувањето на договорот со Грција и по изборните промени во Македонија бидејќи се работи за земја која веќе 13 години е кандидат за членство во ЕУ, а реформите траат со години додека не се исполнат сите услови од поглавјата на Брисел.
Брзиот почеток на преговорите и отворањето на првите поглавја ќе ги отстранеше сите сомнежи дека и идната година се можни пролонгирања. Тоа Меркел во Скопје, се надеваме, ќе го расчисти како една од најголемите предреферендумски манипулации на противниците на договорот, а со тоа и на евроатлантските интеграции на Македонија.
Канцеларката Меркел и нејзините министри ќе ја конкретизираат и финансиската поддршка од претпристапните фондови на ЕУ, но и од Германија, која Македонија може да ја добие на патот кон Европа.
Поминаа 27 години откако на скопскиот плоштад ја прославивме самостојноста на Македонија, но овој голем празник остана снеубавен со децении. Македонија иако го оствари својот вековен стремеж за сопствена држава, не успеа да ги оствари своите најголеми стратегиски цели: да им обезбеди подобар и поквалитетен живот на граѓаните, поголема безбедност и сигурност, побрз економски развој, подеднакви шанси на младите и пристап до квалитетно образование, да изгради правна држава каде владее правото, да има за сите еднаквост пред законите, слобода и демократија, независни медиуми, чиста човекова околина и да стане рамноправна членка на ЕУ и на НАТО, да биде тоа мала и добро стокмена европска демократска држава во која живеат среќни граѓани.
За жал, ниту една од овие цели не е остварена ни по 27 години самостојност. Македонските политичари, освен во првите години на осамостојувањето кога по мирен пат се раздружија со Југославија, не покажаа државничка мудрост. Секогаш повеќе мислеа за освојување на власта, на привилегии и можност за лесно збогатување отколку на иднината на државата и на граѓаните. Најголемиот број политичари во овој период на транзиција беа носители на скандали и корупциски афери, а вистинските државници можат да се избројат на прсти и беа под силен притисок со постојан атак врз нивниот углед, но и по нивниот живот. Не се прославија ни академските и интелектуални и таканаречени и самопрогласени деловни елити, а под силна контрола на политиката беа и сите институции на системот.
Со потрагите по пославно минато и со интервенциите на политиката во науката Македонија го изгуби и угледот и симпатиите во светот, кои беа на нејзина страна поради наметнатиот спор од страна на Грција. Сите тие пречки се само делумно отстранети со последните парламентарни избори и со промена на власта, но сè уште клучните промени во демократизација на општеството, во отстранување на попречувањето на владеење на правото, во департизација на администрацијата, во ослободување на медиумите и побрзиот економски развој, се сериозни обврски кои можат да се остварат по успешниот референдум.
Канцеларката Ангела Меркел без големи помпи со ненаметлива лична активност уште пред четири години го зголеми интересот на германската дипломатија да ѝ помогне на Македонија да ги оствари своите стратегиски цели.
„Мора НА НЕКОЈ НАЧИН да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ“. Оваа порака од Дубровник им ја испрати Меркел на своите тогашни колеги, премиерите Никола Груевски и Андонис Самарас, и до јавноста на Грција и на Македонија. Меркел не би била Германка ако не кажеше што подразбира под тоа „мора на НЕКОЈ НАЧИН“. Тоа да ти било замислете „мора да има компромис“. Меркел не би била ни германска канцеларка ако не објаснеше што се подразбира под компромис.
Тогаш убаво појасни дека во Германија е компромис кога сите што се вклучени во разрешување на проблемот се еднакво незадоволни… „нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за сите“ нагласи Меркел и на големо изненадување на сите рече: „Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“.
Тогаш се дозна дека Меркел добро ги прелистала и проучила листите со предлози од чантата на Нимиц кои 20 години наизменично се одбиваа од двете страни. Оваа порака на Меркел „јас лично се вклучив во тоа и размислувам за сите можни комбинации…“, дури сега по четири години доби силна потврда дека единствениот начин да се реши нерешливото прашање за балканските политичари е компромис што кај двете страни предизвика незадоволство. Тоа и се случи со договорот кој мораше да биде прифатлив компромис, со вообичаеното ниво на незадоволство кај двете страни. Тогашните влади и премиери немаа слух за заземањето на Меркел и на Германија да се најде решение.
Напротив, ангажманот на Меркел се злоупотреби за се најдат оправдувања што не е решен проблемот со името без никаква подготвеност да се реши.
Поминаа четири години од пораките на Меркел во Дубровник и од најавата за нејзиниот личен ангажман, односно вкупно 27 години за Грција и Македонија да се најдат во ситуација кога на двете страни истовремено се појавија политички лидери кои беа храбри и подготвени на компромис и заемно прифатливо решение. Другите политичари и јавни личности треба да изберат дали ќе прават амбиент од кој граѓаните на двете земји ќе бидат незадоволни или задоволни. Меркел тоа го објасни тогаш со зборовите: „Компромисот за името не треба да ве усреќи, туку да ви даде чувство на праведност“. Колкаво е чувството на праведност и колкава е определбата за европска иднина на Македонија ќе покаже референдумот.
Канцеларката Ангела Меркел ќе донесе добри вести во Скопје и јасно ќе ја соопшти германската силна поддршка и ќе ги охрабри политичарите и граѓаните да тргнат поединствени во остварување на стратегиските цели Македонија да стане европска држава и конечно да ја оправда независноста како членка на НАТО и на ЕУ.