(Фото) Уште еден автобус на гас ќе се вклучи во јавниот собраќај


ЈСП Скопје денеска потпиша договор со компанијата МАН Импортер Македонија, ексклузивен увозник на МАН за македонскиот пазар, за пробно користење автобус од типот Lion`s City A21 кој користи природен компримиран гас т.н. CNG.

Договорот го потпишаа Кристијан Чушков, директор на ЈСП Скопје и Ивица Вилјац, директор на МАН Импортер Македонија.

Новиот автобус во сообраќај ќе биде пуштен од утре (19 мај, сабота) и ќе сообраќа на линијата со број 5. Има капацитет за превоз на 85 патници.

-Новиот автобус е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија, ги задоволува стандардите за емисија на Euro 6. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество на гас. Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката „Син ангел“ и е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа. Градот Скопје веќе се вброи во редот европски метрополи кои што користат еко автобуси. На градските улици веќе возат два еко автобуси на гас, на линијата број 5 и линија број 2. На почетокот на овој месец, пак, во јавниот превоз се вклучи и електричен автобус којвози на линијата со број 15. Со овој денешен чекор само ја потврдуваме заложбата за воведување еколошки, навремен и удобен јавен превоз кој целосно ќе биде во функција на граѓаните, а притоа нема да ја загадува животната средина – рече Кристијан Чушков, директор на ЈСП Скопје, на потпишувањето на договорот.

Чушков објасни дека пробниот период во кој сообраќаат автобусите ќе се искористи Градот Скопје и ЈСП Скопје да ги увидат предностите на еко автобусите, а добиеното искуство понатаму ќе се искористи во планирањето намодернизацијата на јавниот градски превоз, што е приоритет на Градот. За таа цел, Град Скопје во буџетот за годинава предвиди субвенции за набавка на еко автобуси во висина од 100 милиони денари, а за приватните превозници во висина од 20 милиони денари.

Директорот на МАН Импортер Македонија информираше дека овој автобус е осма генерација CNG МАН автобус кој е произведен благодарение на 75 години искуство на компанијата во производство на автобуси на природен компримиран гас.

-Автобусот кој ви го отстапуваме на користење може да се пофали со незначително испуштање на CO2, NOx плинови и PM честички. Користење на ваков автобус во јавен превоз, гарантира почист град- истакна Вилјац, кој посочи дека МАН е првата фабрика која произвела автобус на гас во далечната 1943.година.