(Фото) Протест за одбрана на името


Повеќе патриотски здруженија вечерва излегоа пред Собранието на Р.Македонија за да го искажат својот револт против промена на името на државата и донесувањето на законот за јазиците.

„Дојдовме заедно за да бидеме дел од живиот штит преку кој не ќе смее да помине и нема да помине никакво преименување, никакво прекрстување, никакво обезличување. Зашто преименувањето води кон големо ништо. Да направиме жив штит за името, за идентитетот, кој од колено на колено се предава на генерации“, порачаа учесниците на вечерашниот протест пред Собранието „за одбрана на името на државата Македонија, идентитетот на македонската нација и за ослободување на неправедно притворените и обвинети за настаните на 27 април 2017 година“, во организација на македонската координативна мрежа СУМ – Сите за унитарна Македонија. Тие порачаа дека ова е последно предупредување пред организирање граѓанска непослушност поради притворањето на обвинетите за настаните од 27 април.

„Не е срамно ако умреме до еден, но голем срам е ако останеме без нашето име, од кое уште се плашат како од чума“, порачаа учесниците на протестот.

„Дојдов овде повикан од гневот однатре од сè она што денес го прават неколкумина поданици, безрбетници, неколкумина платеници среброљупци и еврољупци, предавници на родот, на јазикот и на крстеното име – библиска Македонија. Дојдов заедно да го кренеме нашиот глас за да чујат и да видат сите, сите да знаат дека оваа земја не е само оваа земја – туку држава со сите нишани, држава на еден исконски народ, суверена Република Македонија“, рече Димче Донески

Учесниците на протестот медијаторот Метју Нимиц го нарекоа „излитен и истрошен дипломат, кој долги 27 години се храни и црпи од нашето достоинство и пари“.

„Господине Метју Нимиц, ти благодариме доволно. Тенкју и веќе претенкју. Ти порачуваме, твојата мисија е јалова. Мисијата твоја и на твоите ментори е неуспешна и ќе остане јалова, затоа послушај го гласот на непокорниот Македонец и врати се во седиштето на ОН и кажи им го тоа на твоите ментори. Кажи им дека дојде часот да кажат збогум ФИРОМ и добре дојде за Република Македонија“, рече Донески.

Како што информираа учесниците на протестот, поддршката од 32 илјади граѓани им го одзеде правото на политичарите да решаваат за промена на името за идентитетот и за воведување на двојазичноста. Досега, според нив, 17.500 лица ја потпишале петицијата за неменување на името Македонија.