(ФОТО) Пола Редклиф: Темелите на скопски маратон се удрени години наназад


Илјадници натпреварувачи учествуваа на скопскиот маратон, а првото место беше освоено од Еванс Бивот чие време беше 02.14.08 и Џедида Карунгу која заврши со 02.51.24.

Второто место од машка категорија го освои Џон Лангат со 02.14.59, а од женска Марија Врајиќ со 03.02.00. Третото место го освоија Хосеа Кипротич со 02.28.58 од машка и Андријана Поп Арсова со 03.05.04 од женска категорија.

Со ова време Андријана Поп Арсова го урна државниот рекорд во маратон за жени.

Учествуваше и светската рекордерка Пола Редклиф која е воодушевена од целото случување денеска.

– Ова беше прекрасен настан. Беше преубаво да се види толку голем број на среќни учесници. Имаше одличен натпревар и очигледно е дека сите со големо срце го сакаат Виз Ер Скопскиот маратон. Во однос на сѐ што дознав овие неколку дена видов дека темелите на овој маратон се удрени години наназад и дека самиот негов раст е неизбежен – истакна светската рекордерка Пола Редклиф.

Во категоријата на македонски натпреварувачи на маратонот од машките први три беа Александар Кираџиев со 02.42.48, Марјан Бонев со 02.48.33 и Кокан Ајановски со време од 02.54.41, а од женските Андријана Поп Арсова со 03.05.04, Биљана Кираџиева со 03.15.55 и Весна Кираџиева со 03.32.16.

Овие одлични атлетичари од Македонија се натпреваруваат со години и претставуваат неизмерен поттик за секој што сака да се впушти во оваа дисциплина.

14-то издание на маратонот е под покровителство на Град Скопје, Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија. Скопски маратон традиционално се одржува по повод на Денот на Европа.