(Фото) Нова сезона на шик, шок и селфи: Почна Модниот викенд во Скопје
Креациите на етаблираните дизајнери и дебитанти беа шик, разголените гради на манекенките предизвикаа шок, гостите се туркаа како на премиера и се сликаа селфи додека траеја ревиите, а во паузите со вино, вотка и коктели озборуваа, синоќа, на 17. Моден викенд во Скопје. Не дознавме дали муабетеа за новите прочитани книги, инспирирани од новата локација за ревии-„НУБ „Св. Климент Охридски“.
Бунтот против модните стереотипи, и потребата да се биде свој и слободен, да се спојат неспојливите модни парчиња, видовме и на писта и во публика. Домашните креатори со своите креативни идеи, шминка и фризура, не освоија со својата оригиналност и младешки дух и не доближија поблиску до светските модни центри. По оваа ноќ, можеби ќе го засакаме барем малку новото како старото Скопје и многу повеќе Македонија.
Модниот викенд за сезоната пролет-лето 2018 го отвори заедничката ревија на Роберт Ивановски поддржан од „Arthurs“ и дизајнерката Евгенија Зафировска.
Дизајнерот Роберт Ивановски за својата најнова колекција „The garden of earthly delights“ вели дека е инспирирана од познатото дело “Градината на земните задоволства” на Хиеронимус Бош од 16 век, кое сега е сместено во музејот „Прадо“ во Мадрид. „Тоа е модерна, урбана колекција со отпечатоци од сликата во комбинација со црна ткаенина“, додава Ивановски.
За колекцијата „Архитектура во движење“ Евгенија Зафировска ќе изјави:
„Веќе некое време сум импресионирана од архитектурата и мојата инспирација за оваа колекција е Кензо Танге, јапонски архитект кој го обнови мојот роден град Скопје. Преку изработка на колекцијата се приближив до најблиската врска помеѓу архитектурата и модата, создавајќи 3D-структури и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење. Резултатот е современа уникатна колекција, препознатлива и уникатна, базирана на корисни, иновативни рачни техники иматеријали.“
Вечерта продолжи со авангардната колекција на „КALI ROSE by Katarina Luka“ надополнета со аксесоари.
„Стилот на оваа колекција вроди со многу инспирации од популарната постапокалиптичка фикција и мојата главна инспирација е филмот „MadMax“. Во овие 25 женски и машки комбинации претежно се појавува црната боја со многу кожни моменти, комбинирани со накит во сличен алтернативен стил”, вели Катарина Лука. Своите креации ги претстави и Зана Алиу која стои зад „Zana Aliu showroom“ и колекцијата „Red&The spectrum“.
„Ќе има прашање зошто во мојата колекција доминира црвената боја кога и таа е дел од спектарот на бои. Одговорот е претставување на мојот личен карактер, јас се сметам за феминистка а сето ова е испреплетено со тоа дека се е сработено со трпение, енергија, посветеност кои се карактеристики на самата црвена боја која асоцира на желба, страст, лубов и на целата моја колекција и дава еден интензитет, динамика и женственост. Преку мојата колекција патуваме низ животот секогаш со убави тонови, тоа е мојот одговор за квалитетно живеење “ обајснува Алиу.
За крај на првата вечер од Модниот Скопје се случи ревијата на „Fingerprint“ и нивната колекција “Macedonian beauty”. Станува збор за креации кои се 100% осмислени и направени во Македонија односно маици со 16 различни принтови.
„Пред вас стои првата едиција маици со име „Macedonian beauty“ со којашто на поинаков начин ќе ја раскажувате приказната за македонскиот шарм, сонце, езера и ајвар“, вели тимот кој стои зад брендот „Fingerprint“.
За време на тридневниот настан ќе бидат изложени девет креации на студентите од Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет кои веќе беа прикажани во Францускиот институт во Скопје . Студентите работат на тема инспирирана од француската кинематографија, под менторство на Лидија Георгиева – професор и дизајнер.
Вечер на програмата се ревиите на ЕУРМ, на Берна Сарачи од Косово, на Атеље „Коцарева“ и на „Палада“.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски