(Фото) Моден викенд во Скопје: Некој сака да носи кожа, ама никој не сака да се најде во туѓа кожа


Некој се раѓа со чувствителна кожа. Некој живее со дебела кожа. Некој сака да носи кожа. Никој не сака да се најде во туѓа кожа.Никој не знае како е во ваша кожа. Ама сите се плашат за својата кожа. Нам ни беше убаво во кожата додека ги гледавме, новите, четири ревии, синоќа, на вториот ден од Модниот викенд во Скопје, во организација на Света Богова- Јовановска.

Националната и универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ беше преполна со гости, пријатели и деловни соработници. Публиката се менуваше од ревија до ревија, а во паузите можевте да бирате дали ќе муабетите, дали ќе се освежувате со пијалок, дали ќе ги пробате новите вкусови на чоколадо или новите препарати на козметичките брендови.

Втората вечер ја отвори заедничката ревија на студентите од Факултетот за арт и дизајн при ЕУРМ, наречена „Текст ми“ за пролет-лето 2018, на која петнаесет студенти ги прикажаа своите креации.

Потоа публиката ја виде колекцијата на „БЕРНАСАРАЦИ“ од Косово наречена симболично „0000“.

„Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, прилично лежерен став но сепак извикува софистицираност и моќ. Да изгледаме стилизирано и да се чувствуваме во нашата кожа е мојот најважен тренд. Тоа е причината зошто колекцијата има тенденција да покаже микс на спортска и елегантна урбана девојка. Таа е самоуверена и нема потреба од многу труд за да ја покаже својата личност“, вели дизајнерката Сарачи.

Најновата колекција на „Ателие Коцарева“ која беше прикажана на вчерашната ревија е наречена „Боундлес“.

„Моите модели се наменети за жената која дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Таа е таму каде што сака да биде, самостојна, реализирана и ужива во поместување на границите на модните наметнувања. Целата колекција изобилува со свечени комбинации во 3 бои, парчиња со нагласен струк, голи раменици, набори, транспарентни делови и сл.“, изјави Коцарева за својата нова колекција.

И за крај на вечерта публиката ги вие моделите на „Паллада“ и колекцијата „Ел суено“.

„Колекцијата која ја работевме заедно со мојата мајка, Снежана Палада е составена од 15 креации уникатни и рачно изработени. „Ел Суеñо“ што од шпански се преведува како „Сонот“, е произлезено од темата на самата колекција. Викторија Еугенија, шпанската кралица во дваесетите години на минатиот век инспирирани од тогашната мода која таа самата ја претставила во јавноста преку нејзините кралски фустани, со премногу детали а сепак едноставни и безвременски“, вели Алек Палада.

  1. Моден викенд Скопје кој започна во петокот, завршува вечерва со ревиите на Сара Реџиќ, Јилка Брада, „Фа-Бу“ и на Олгица Ѓоргиева.

 

Л. Сабит      Фото: Ани и Дими