(Фото) Маската „Деца-пуканки“ ги воодушеви прилепчани за Прочка


Над 200 маскирани ученици од прилепските училишта и од Крушево денеска на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ дефилираа и ги претставија своите маски и фантазијата што ја вклопиле во карневалот.

На детскиот карневал, кој се одржа денеска како дел од карневалскиот викенд во Прилеп, дефилираа бројни маски. Имаше заштитувачи на животната средина, од Крушево стигнаа „Веселите тролови“, јунаците од бајките и од секојдневието, а ги имаше и земјите-членки од Европската унија. Тоа беа децата од прилепското училиште „Кочо Рацин“ кои порачаа да не престане грижата за заболените од ретки болести.

Жири-комисија ќе ги одбере најдобрите маски од денешниот детски карневал.

Според организаторите, прилепската локална самоуправа и здружението „Прилепски мечкари“ атмосферата во градот е карневалска, а младите ја покажале својата умешност во креациите. Во градот пристигнаа и гости од државата и странство, а сместувачките капациети се полни.

– Младите од прилепските училишта ја покажаа големата умешност и фантазија во маскирањето со што ја потврдија и веселата карневалска атмосфера во градот. Тука се и пантомимичарите и жонглерите. Сето ова е увертира за утрешното големо карневалско дефиле на маските на кое ќе учествуваат околу 1.000 маскирани од земјава и странство, рече прилепскиот градоначалник Илија Јованоски.

Ванчо Георгиев од Здружението „Прилепски мечкари“ истакна дека Прилепскиот карневал е туристичка атракција, позната веќе во светот.

– Во текот на денешниот ден пристигнуваат и гости со автобуси кои сакаат да го видат карневалот, да бидат дел од спектаклот. Сите сместувачки капацитети во Прилеп веќе се пополнети и се бара место во соседните градови, а оваа глетка со маскираните ученици покажува дека карневалот има подмладок и ќе живее долго како што со векови е традиција во Прилеп на Прочка сите, и старо и младо, како што велат прилепчани, да се „преправаат, вели Георгиев.

Во центарот на Прилеп утре од 13 часот е големото дефиле на маските и големиот карневалски спектакал. Ќе учестуваат над 1.000 маскирани од земјава и од странство. Се очекува и присуството на претстедателот на Асоцијацијата на европските карневалски градови Хенри Ван Дер Крон. Карневалот завршува утревечер со големата забава на маските.