(Фото) Каролина пред битолчани го промовираше новиот албум „Извор“: Никаде не е како дома
„Никаде не е како дома“ рече Каролина Гочева за време на вчерашниот концерт во Битола на кој го промовираше својот нов албум „Извор“ во полната сала на Центарот за култура. Каролина во првиот дел на концертот ги испеа новите песни, „Убав живот“, „Млади багреми“, „Газам боса“, „Нема песна за мене“, „Ѕвона“, „Бели цветови“, „Ти не дојде“, „Земи го срцево“, „Да е сон“, „Будна“ и „Епилог“. Автор на песните е битолчанецот Никола Мицевски, кој е и комплетен автор на песните од албумот „Македонско девојче 2“.
Веднаш потоа следеа хитовите од албумот „Македонско девојче“, а публиката пееше заедно со Каролина. На крајот, публиката ја врати на бис, а Каролина микрофонот и го отстапи на малата Александра од групата девојчиња со кои заедно ја пееја песната „Ѕвона“. На нозе, со громогласен аплауз на крајот на концертот, битолчани ја поздравија Каролина.
Сите кои присуствуваа на концертот добија подарок- луксузно дигипак издание од албумот „Извор“.
За оние кои немаа можност да присуствуваат на синоќешниот концерт, Каролина вечерва ќе одржи уште еден концерт кој е во организација на Авалон продукција, исто така во Центарот за култура од 20 часот.