(ФОТО) Брифинг како модна писта: Ѓерданот на Рада ја подели јавноста


Ѓерданот бижутерија на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска ја подели јавноста по брифингот со новинарите на тема „Економија, реформа и интеграција на Република Македонија“. Како претходно – чантата „гучи“ на обвинителката во СЈО Фатиме Фетаи. Големото парче накит паѓаше во очи на тркалезната маса заедно со премиерот Зоран Заев и вицепремиерот задолжен за евроинтеграции Бујар Османи. Големата четворка, како по договор, беше во тегет гардероба, во кежуал варијанта, елегантна, машкиот дел и без вратоврски. Тегет идилата во заднина, ја нарушуваа шарените панталони на шефицата на протокол на Заев, Иванна Хаџиевска, која во еден момент, при доаѓањето во Клубот на пратениците, беше рамо до рамо со премиерот.

Ѓерданот во секој поглед беше преголемо парче накит за оваа официјална пригода, иако министерката како модни детали повеќе избира шамија или брош. На прв поглед не оди со доминантните очила во темноцрвена боја. Изборот одговара ако и ги погледнете едноставните салонки на Рада на полувисока потпетица, во тегет боја, со темноцрвени детали.

Бојата на ѓерданот беше во тон со навидум класичната бела блуза и тегет стилизираните цевка-пантолони.

Шекеринска-Јанковска со својот избор на гардероба досега ги почитува министерската функција, но и јавноста. Внимава на линијата, со ненаметлива фризура и шминка, со парчиња облека кои се евидентно брендирани, ама ускладени со дрес-кодот на јавна личност од сферата на политиката. Не се откажува од костимите, ги комбинира со здолништа или со панталони, со блузи или со ролки. Децентна е и едноставна. Доследна на истиот стил што го негуваше како пратеник. Некои ѝ замеруваат на конзервативниот стил и на истата фризура, ама Шекеринска одамна сфатила дека ако сте во политиката или во „машка“ професија, можете истовремено да бидете модно освестени, ама да не ја поминувате линијата на добриот вкус. Сепак, функцијата министер не дозволува модни излети кои имаат вулгарен призвук ниту остварување на личните желби. Помалку е повеќе!

Не е сѐ во гардеробата, ама стилот е многу важен во политичките и во дипломатските кругови. Нешто на што „паѓаат на испит“ речиси сите наши политичарки, со изборот на екстравагантна гардероба и екстремно високи потпетици, кои се косат со модните правила во оваа сфера. Или премногу шминка, или запуштен изглед, или црни хулахопки наместо во боја на кожа. Златна средина е вистинскиот одговор за дамите од високата политика, а тука спаѓа и Шекеринска.

Нашата министерка за одбрана ретко носи накит, ама знае да изненади со црвен лак на ноктите. Носи класични шпицести салонки, ама знае да изненади со мошне модерни чевли. На времето креваше прашина со чантите „лансел“, кои се прилично скапи и може да се купат само во странство, ама со својот политички багаж, тоа може да си го дозволи. Приватно, Рада носи гардероба блиска на својата генерација. Може да ја видите и во фармерки, ама пак стилски ускладени со другите парчиња облека и пригодата. Не робува на марката, важен ѝ е квалитетот. Поранешната лидерка на СДСМ на времето беше вицепремиерка за европски интеграции и многу почитувана во Брисел. Изгледа европски. Затоа, ѓерданот ќе ѝ го простиме. Следниот пат, нема.

Лејла Сабит  Фото: Борис Грданоски