(ФОТО/ВИДЕО) Цел Балкан под снег: Побеле црногорското крајбрежје, затворени училишта во Далмација


Утрово Скопје, како и речиси цела Македонија, се разбуди со снежна покривка, но снег падна и во другите градови низ Балканот.

Според Хидрометеоролошкиот институт на Црна Гора, во главниот град Подгорица наврнале 7 см снег.

Поради врнежите, од аеродромот во Подгорица беа пренасочени некои летови кон Тиват.

Снег имаше и во најјужниот црногорски град Улцињ, каде што е измерен само еден сантиметар снег.

Инаку, најмногу снег ова утро е измерено на Жабљак – 47 сантиметри. Во Колашин има 32, Плевља 28, Шевник 26, Рожаје 23, Плав 22. Во Никшиќ се измерени 18 см снег, а во Цетиње има осум.

Во Далмација се измерени 40 см снег, а побелеа крајбрежните градови Омиш и Сплит. Снегот почна да паѓа во вторникот попладне, а особено интензивно паѓаше во Далматинскиот Залив.


Снегот паѓаше и во Плоче, но исто така и на островот Брач.

При чистење на снегот од патишта се ангажирани 30 зимски возила. Поради снег, наставата во основните и средните училишта во Имотска Краина беше откажана.

Според најавите, иако ќе има разведување, в четвртокот се очекува силна бура.

Во близина на српскиот град Кикинда, автобус излета од патот, а според очевидци во инцидентот нема повредени. Авто-мото сојуз на Србија предупреди дека во северниот и западниот дел на земјата се очекува локална појава на дожд, која ќе се заледува на тлото, додека на југозапад, југ и југоисток на Србија се можни обилни снежни врнежи и значително зголемување на снежната покривка поради што повикуваат на задолжително носење зимска опера и внимателност про возењето.

Снежната покривка од неколку сантиметри предизвика проблеми во сообраќајот и во делови на Босна и Херцеговина. Сепак локалните власти информираат дека патиштата редовно се чистат и иако е сообраќајот отежнат, сите патни правци се проодни.