(ФОТО/ВИДЕО) Распитот на Станисављева траеше половина час, Керим пристигна подоцна


Распитот на директорката на МПМ, Јана Станисављева, во Специјалното јавно обвинителство траеше само половина час.

Станисављева ги игнорираше новинарските екипи и одби да даде изјава зошто е повикана на распитот.

Според неофицијални информации, Станисављева и Срѓан Керим кој беше управител на фимрата се повикани во СЈО да дадат исказ во рамки на истрагата што ја води обвинителството за евентуални злоупотреби на тогашните први луѓе на компанијата, во чија сопственост беа весниците „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“ коишто згаснаа поради наводна финансиска криза.

Од Специјалното јавно обвинителство не даваат никаква официјална информацијата со оглед на тоа дека се работи за истражна постапка во која се осомничени водечките луѓе на МПМ.

Постапка за овој случај имаше отворено Основното јавно обвинителство по пријава поднесена од Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија, но надлежноста за испитување на евентуален економски криминал ја презеде СЈО бидејќи потекнува од прислушуваните разговори.

Oбвинителството ги проверувале финансиските исплати во време кога весниците згаснуваа поради наводна финансиска криза, а сомнежите се проверувале преку одделението за компјутерски криминал во МВР.

Истражители на СЈО минатата година влегоа во просториите на МПМ, чиј сопственик до пред истрагата беше Графички центар Скопје (ГЦС), кој беше во сопственост на Орка Холдинг на Орце Камчев. Медиа принт Македонија сега е во стечајна постапка.

Предмалку во СЈО пристигна и Срѓан Керим, но истотака не сакаше да даде изјава за новинарите.