(ФОТО/ВИДЕО) Попладнево невреме во Охрид, силен дожд и град ги поплави улиците


Силно невреме, проследено со пороен дожд и силен град, го погоди Охрид денеска околу 14 часот и 30 минути. Градот беше силен и од зрната мраз побелеа тротоарите, парковите и дворовите, објави порталот „Охрид 1“.

Повеќе улици беа поплавени, што го отежна сообраќајот, а вода навлегла и во дворови и куќи.
Невремето, кое траеше околу еден час, беше придружено со силен ветер кој искрши гранки и постари дрвја. Екипи на Јавното комунално претпријатие „Охридски комуналец“ се на терен и работат на расчистување на последиците.

Метеоролозите за денеска во Македонија најавија сончево време со мала до умерена локална облачност, наместа ќе има изолирана појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи.