(ФОТО/ВИДЕО) Изворите на Бабуна – недопрена природа што маѓепсува


Експлозивни млазеви вода што бликнуваат од длабочините под карпестиот масив на врвот Солунска Глава, никого не оставаат рамнодушен. Тоа се изворите на реката Бабуна кои со својата уникатност им додаваат непроценлива вредност на нашите природни богатства. Доволно е само да се застане над бучните кладенци и да се почувствува моќта и убавината што природата ги дала во тој дел од нашата земја.
Дополнителна воодушевувачка сцена е десетметарскиот водопад под изворите низ кој во секунда протекуваат стотици кубици кристално чиста и питка вода. Под водопадот се формира мал базен во кој и среде лето водата е толку студена што човек одвај може да додржи рака под вода.

Изворите на Бабуна и малиот водопад се толку бесценети и воодушевувачки, што и самата природа не сака туку-така да му ги препушти на човекот во секое време. Пристапот до нив е преку тесна, а на моменти и стрмна и лизгава патека по која мора да се оди внимателно.
На почетокот од патеката ве сретнува информативна табла на која стои и јасно предупредување, „Пешачењето кон изворите да не се изведува во зима, доцна есен и рана пролет“. Планината Јакупица, каде се наоѓаат изворите на Бабуна, е речиси недопрена од човекот, а по патеката нема потпорна ограда. Сепак, тоа што нема големо човечко присуство, на самото место му дава уште поголема вредност и го прави попримамливо за тие што имаат вистинска почит кон природата и нашите планини.

Но, за тие што сепак ќе се решат да ги видат и да се напијат вода од изворите, треба да се подготват за неколкучасовно пешачење. Патот почнува од рибникот кај селото Нежилово, во месноста Азот. Доколку патувате од Скопје, до селото со автомобил се пристигнува преку Велес и Богомила. Патот и после Богомила е во возна состојба, иако се наидува на места со раздробен асфалт.
Но, уживањето сепак е од селото Нежилово. Од рибникот прво се пешачи (околу два часа) по земјен пат што води кон планинарскиот дом „Чеплес“. Глетката притоа е незаборавна. Во еден миг пред вас се појавува карпестиот масив и врв на Солунска Глава, завиен во облаци.

Потоа се наидува на табла и на дрвени патокази што јасно покажуваат дека е дојдено време за исклучување од „лесниот“ земјен пат.
Тогаш следи вистинската авантура и уживање. Се пешачи по тесна патека, еден позади друг, при што е речиси задолжително да се носат планински обувки. Патеката не е многу тешка, но потребно е внинателно да се чекори за да не се излизгате од влажните лисја и камења покриени со мов.

Цело време се пешачи низ шума, додека во длабочината надолу се слушаат брзаците од реката Бабуна. После отприлика еден час одење, при што треба да се следат ознаките за пешачка патека (кругови со црвена и бела боја) се наидува на табла. Стрелката право ве води кон изворите, а на десно надолу е водопадот.

Препорака е прво да се видат изворите, а потоа да се оди назад и надолу кон водопадот. И на двете места ќе ве чека незаборавно уживање, но и солидно освежување и бањање од водената прашина што се создава од падот на водата.
За да се долови убавината на изворите и водопадот, направивме и фотографии и видео-снимки. За снимање и фотографирање го користевме водоотпорниот мобилен телефон на „Самсунг“, уредот „Galaxy S9“. Со телефонот можевме без проблем да снимаме и под студената вода на реката Бабуна, а резултатот може да се види во кусата видео репортажа.

Фото, текст, видео: Тоше Огњанов