(ФОТО/ВИДЕО) Во пожарот што изби во трговски центар во Русија загинаа најмалку 64 лица


Руските медиуми јавуваат дека најмалку 64 лица, меѓу кои и голем број деца, загинаа во пожарот кој, како што известивме, избувна вчера во трговски центар во сибирскиот град Кемерово, соопшти денеска рускиот министерство за вонредни ситуации, Владимир Пучков.

Претходно, Истражниот комитет на Русија соопшти дека најмалку 44 лица се повредени, а околу 30 се водат како исчезнати.

Десет лица се во болница, меѓу кои и 11-годишно момче кое е во кома откако скокнало од прозорец од трговскиот центар. Локалните медиуми информираат дека неговите родители починале во пожарот.

Тринаесетгодишната Марија Мороз, од киносалата испратила СМС: „Ние сме во пожар. Изгледа ова е збогум од мене“. За неа се претпоставува дека е мртва.

Пожарот во трговскиот центар во Кемерово изби на четвртиот кат, каде се наоѓаат киносала и детски забавен центар и зафати околу 1.600 квадратни метри.

Покрената е истрага заради откривање на причините за избувнување на огнот.

– Четири лица се притворени и сослушани, меѓу кои и закупецот на киносалата, каде што се претпоставува дека избил пожарот, како и менаџерот на компанијата која раководи со трговскиот центар – изјави портпаролката на истражниот комитет Светлана Петренко

Станува збор за трговскиот центар „Зимнаја вишња“, кој се наоѓа во една од главните градски улици, во близина на железничката станица. Трговскиот центар е отворен во 2013 година, со површина од 23.000 квадратни метри, паркинг за 250 автомобили, продавници, сала за куглање, детски центар и кино.