Формирано Здружение на издавачи 16+1 на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг
Кина-Во Пекинг синоќа е формирано Здружение на издавачи 16+1, за време на Меѓународниот саем на книгата во Пекинг, како составен дел од рамката за соработка меѓу Кина и 16 земји од Централна и Источна Европа.
Претставник на Македонија во здружението е Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“.Здружението има цел да ја промовира издавачката соработка и културната размена меѓу Кина и Централна и Источна Европа.
Неговото основање е под покровителство на кинеската Влада, а освен 16-те издавачи од исто толку земји од Централна и од Источна Европа, во алијансата членуваат и осум кинески издавачи кои се меѓу најголемите издавачи во Кина.
Членовите на Алијансата потпишаа заедничка декларација, според која Здружението ќе воспостави комуникациски механизам и ќе служи како платформа за соработката во издаваштвото и културните размени меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Тоа ќе ги охрабри издавачките организации од двете страни да учат едни од други и да работат заедно на проекти од заеднички интерес.
Здружението ќе работи на подобрување на комуникацијата меѓу членовите за споделување на ресурси, на олеснувањето на размената и трговијата со авторски права, како и на проширување и интегрирање на маркетиншките канали, со цел да се локализира продажбата и промоцијата на книгите.
„Македоника литера“ последниве две години има сè поинтензивна соработка со кинески издавачи, а како резултат на таа соработка веќе се објавени неколку дела од кинеската литература. Годинава тој број треба да изнесува дваесетина книги од кинеската литература, филозофија, научна мисла и културна традиција.
Во март годинава, „Македоника литера“ потпиша договор со кинеската издавачка куќа „Делфин букс“ за формирање заедничка редакција за кинеска литература на македонски јазик, што ќе функционира во рамки на „Македоника литера“, а според кој годишно ќе објавуваат неколку десетици книги.
Двете издавачки куќи имаат заеднички план да објавуваат книги на тема Кина, кои се специјално наменети за македонските говорници, вклучувајќи ги и книгите за кинеската култура, кинеската литература, книги за деца и млади, со цел да се зајакне разбирањето на македонските читатели за Кина, како и подобрување на меѓукултурната комуникација меѓу Кина и Македонија. Оваа иницијатива ќе има значаен придонес во присуството на преведена кинеска литература во Македонија, која досега беше симболично застапена и покрај богатата и долга кинеска традиција и култура, како најстара жива цивилизација.
На Меѓународниот саем на книгата во Пекинг и на првите работни средби на новоформираното здружение – 16+1, „Македоника литера“ договори неколку нови проекти за соработка со кинески издавачи и потпиша неколку договори за проекти што треба да се реализираат наредната година. Договорената соработка, меѓу другото, предвидува преведување и објавување на дела од македонски автори во Кина, и тоа не само дела од уметничката литература, туку и од областа на науката, културата и уметностите.