Формирана работна група која ќе го истражува проблемот со линданот во Охис


Во врска со решавањето на проблемот со линданот во АД Охис – Скопје, Владата на денешната седница формираше работна група која во рок од три месеци треба да ја информира за можните решенија на овој проблем.

Во состав на работната група се генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, министерот за животна средина и просторно планирање  Садула Дураку и министерот без ресор Аднан Ќахил.

Владата на денешната 69-та седница ја разгледа и ја усвои Информацијата во врска со статусот на реализација на Договорите за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи, склучени со Министерството за економија. Притоа, Владата го одобри продолжувањето на роковите за започнување со комерцијална работа на неколку локации. Во име на Владата, министерот за економија Крешник Бектеши ќе потпише Анекси на договорите за концесија со кои се одобрува продолжување на рокот за започнување со комерцијална работа, се наведува во соопштението од седницата.

Дополнително, Министерството за економија е задолжено во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање да подготви Информација со Акциски план за помош на инвеститорите во делот каде што имаат потешкотии со месното население и во рок од 30 дена да ја достават до Владата.