Фондацијата на Бил Гејтс ќе ни донира нови вакцини против ХПВ?


Можно е Македонија да биде една од земјите која ќе влезе во проектот на Фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс, кои донираат деветтовалентна вакцина против ХПВ, најави министерот за здравство Венко Филипче.

Овој проект на американскиот милијардер и на неговата сопруга ќе се спроведува во по една земја од секој од петте континенти.

– Од нас се бараат податоци и до крајот на годината ќе се знае дали нашата земја ќе биде една од петте земји што ќе ја добие новата деветтовалентна вакцина против ХПВ – рече Филипче.

Фондацијата на милијардерот и филантроп Гејтс е основана во 2000 година и работи во целиот свет. Посветена е на решавање на најтешките проблеми во светот, особено во Африка, и на истражувања за лекови и вакцини кои спасуваат животи.

Во екот на Европската недела против ХПВ, д-р Горан Димитров, гинеколог и претседател на Македонското лекарско друштво, обелодени дека минатата година имало околу 300 новодијагностицирани жени со рак на грлото на матка. Со скрининг-програмата, минатата година се прегледани 27.000 жени меѓу 46 до 60 години. Кај 87 отсто наодот бил негативен, а кај 13 отсто позитивен и тоа за ХПВ-инфекции и ЦИН 1.