Фолк-фест Валандово пак се враќа напролет, намалени наградите


На 24-ти и 25 мај ќе се одржува 33-тиот фестивал на народна музика „Фолк-фест Валандово“ кој по две години одржување наесен повторно се враќа во пролетен термин.

Првата вечер ќе биде ревијална и ќе им биде укажана чест на тројца автори кои се најизведувани на валандовскиот фестивал – Григор Копров, Миле Барбаровски и Љупчо Трајковски-Фис. Тие ќе бидат претставени со по четири нивни композиции. Втората вечер е натпреварувачка и ќе бидат изведени 19 песни. Ќе настапи оркестар со едуцирани музичари од ФМУ, кои сега се членови на оркестрите во МОБ и Филхармонија.

Претседателот на Уметничкиот совет на фестивалот Живоин Глишиќ на прес-конференција рече дека пристигнале над 90 композиции и дека за краток период Советот ги избрал 19-те штоќе учествуваат.

– Аранжерите ги направија аранжманите. Во завршна фаза е снимањето на материјалот и сме задоволни од она што досега е подготвено. Очекуваме, за разлика од лани, пред фестивалот да биде издаден и компакт-диск од фестивалот, рече Глишиќ.

Новини има во начинот на гласање, така што во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Овојпат се враќа и учеството на публиката во наградување на композициите. Износите на наградите се драстично намалени од претходно зашто, како што рече Глишиќ, тие треба да бидат и оптимални и почит кон авторите. Првата награда ќе биде 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра. Жирито ќе има седум члена, а се исфрла телевоутингот како начин на гласање. Во периодот на гласање мал концерт ќе има босанската фолк-пејачка Ханка Палдум со нејзиниот оркестар.

„Пристапот што ќе го градиме заеднички е сосем спротивен на оној што го гледавме минатите неколку години на неколку музички фестивали кога се плаќаа по 20.000 или 10.000 евра за првото место, суми што предизвикаа многу клиентелизам, коруптивно однесување, во некои случаи јавноста со денови се занимаваше и со наводи за обиди за измама на гласања на телевоутингот и слично“, рече министерот за култура Алаѓозовски.

Цветанка Ласкова, посебен советник за култура на премиерот Зоран Заев, истакна дека нејзина и заложба на оваа Влада е од фестивалот да произлезат песни што ќе се слушаат во иднина.

„Мојата заложба отсекогаш била вистинските вредности во културата да си го заземат своето место. Тоа е заложба и на оваа Влада. Емотивно сум врзана со „Фолк-фест Валандово“ и многу добро ги знам чувствата на учесниците и на публиката. Сакаме да им го вратиме тоа чувство на граѓаните зашто и ден-денес си ги потпевнуваме рефрените од „Бисер балкански“, „Една песна“ – композиции што останаа да живеат. Се надевам дека и од овој фестивал ќе останат рефрени што ќе ги пеат идните генерации“, рече Ласкова.