ФИФА ја тресе нов скандал – Катар го купил Мундијалот за 880 милиони долари!


Нов удар за светската фудбалска организација! Светскиот фудбал повторно се тресе, откако англиски „Тајмс“ ги објави доказите и документите до кои дојде, дека Катар буквално ги купил домаќинството и организацијата на Светското првенство од ФИФА за вкупна сума од 880 милиони долари!

Целиот процес одел преку телевизиската куќа „Ал Џазира“. Телевизијата е во сопственост на катарскиот емир шеикот Хамед бен Калифа ал Тани, така што тој се сомничи дека е мозокот на целата операција.

„Ал Џазира“ на само 21 ден пред да биде одредено кој ќе биде домаќин на Мундијалот во 2022 година ги откупила од ФИФА ТВ-правата за натпреварите за сума од 400 милиони долари. Спорниот момент е во една клаузула од тој договор, поради кој сега истрага отвори швајцарската полиција.

Имено, според договорот кој го потпишале ФИФА и „Ал Џазира“, оваа телевизиска куќа ќе плати уште 100 милиони долари ако домаќин на Мундијалот биде – Катар! Три недели подоцна тој услов беше исполнет.

Останува следниот месец да се уплати уште една транша, нешто помала од 400 милиони евра, а која изненадувачки е договорена три години подоцна. Така, кога се ќе се собере, „Ал Џазира“ ќе и плати на ФИФА 880 милиони долари само за ТВ-права за натпреварите од Светското првенство.