ФИФА посвети статија на „црвено-жолтите“: Македонија може до подобри резултати


Светската фудбалска асоцијација (ФИФА) во денешната статија посветена на македонската репрезентација се осврна на резултати на „рисовите“ постигнати минатата година во која забележаа голем напредок на светската ранг листа.

„За само една година Македонија напредуваше од 166. до 73. позиција на ФИФА ранг листата. Тоа е репрезентација која во 2017 година забележа пет победи, три нерешени исходи и само еден пораз. Селекцијата им се базира на мешавина од искусни и млади фудбалери. Лидер е Горан Пандев кој ја има освоено Лигата на шампиони, а дел од репрезентативците се оние кои настапија на Европско првенство во Полска. Тоа беше прва македонска фудбалска репрезентација со обезбедено учество на евро-шампионатите“, стои во статијата на ФИФА.

Македонија која во историјата никогаш не заврши повисоко од четврто место во квалификациска група, допрва треба да го покаже својот потенцијал и да стигне до голем турнир.

Се спомнуваат и најголемите резултати што ги постигнала нашата репрезентација, 2:2 со Англија, 2:2 и 0:0 со Холандија и секако нерешените 1:1 со Италија во последниот циклус квалификации за СП.

Во текстот се цитира изјава на селекторот Ангеловски под чие водство Македонија покажа дека може да се бори за бодови и со многу силни противници.

„Верувам во квалитетот на нашите фудбалери. Покажавме дека можеме да играме рамноправно со светските фудбалски велесили“, вели селекторот Ангеловски.

ФИФА потсетува дека Македонија најблиску до бараж беше за СП 2010 година и дека нејзин најдобар пласман на ФИФА листата е 46 место забележано во 2008 година.