Филмот „Хомо“ поддржан од Косовскиот центар за кинематографија


Најновиот проект на Скопје Филм Студио за долгометражен игран филм со работен наслов „Хомо“, кој ќе го режира Игор Иванов, вчера ја доби одлуката за одобрена финансиска поддршка од страна на Косовскиот центар за кинематографија. Со тоа Косово, преку продукциската куќа „Тригер“ официјално стана малцински копродуцент на проектот.

Пријавата на „Хомо“ беше меѓу позитивно оценетите на годинашниот Конкурс на Агенцијата за филм на Република Македонија за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност аплицирани во првиот рок.

„Хомо“ е оригинално сценарио, составено од шест приказни кои се испреплетуваат. Во својата суштина се занимава со преиспитување на примарните човечки вредности и се обидува да не соочи со степенот на дехуманизација, суровост, алчност и анималност во кои е западнато општеството. Автори на сценариото се Игор Иванов и Сашо Кокаланов.

Проектот е во фаза на развој, а во периодов Скопје Филм Студио е во преговори со продуценти од регионот, кои се заинтересирани да се вклучат во продукцијата на овој филм.