Филипче: Петте отсто се само дел од планот за покачување на платите во здравството


Може да полемизираме дали пет отсто зголемување сега се малку или многу и може да има вакви или такви аргументи, но сакам да потенцирам дека оваа мерка е само еден дел од поширокиот план на Владата за покачување на платите во здравството, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче, коментирајжи ги реакциите на Синдикатот на клинички центри и на ВМРО-ДПМНЕ.
Комплексен е, рече Филипче, начинот на пресметување на платите со најновото покачување од пет проценти. Многу е тешко да се каже ако на некој платата сега му е 30.000 денари, колку ќе му биде по зголемувањето.
Станува збор, објасни, за зголемување на основната сума што ја земаат сите вработени во јавното здравство, која потоа се множи со коефициент на сложеност на работа, минат труд,.., и така се стигнува до крајната сума. Дополнително, се пресметуваат и суми за ноќни дежурства.
Според министерот, по овој, на почетокот на следната година следува уште еден чекор – исполнување на ветувањето лекар специјалист да има плата 100.000 денари.
– Ова е пет отсто зголемување на основицата кај сите вработени во јавното здравство. Можеби звучи малку, но е само еден дел од нашата многу широка програма како ќе ги зголемиме примањата на сите вработени во јавното здравство. Пред неколку месеци беа зголемени сумите за дежурствата. Се зголеми цената на ноќниот труд и на јавни здравствени установи во кои зголемувањето на вкупната сума на пари кои лекарите ја земаат за зголемување на дежурствата, ја зголемува нивната плата за околу 30 проценти што воопшто не е малку, истакна министерот.
Филипче информира и дека капитацискиот бод не влегува во пресметките за покачувањето, но во тек се разговори со матичните стоматолози и гинеколозите кои имаат други барања – законски и системски измени. Неколку опции за нивно решавање се ставени на хартија. По годишните одмори ќе се види кои од тие решенија е најсоодветно.