Филипче за „Независен“: Ќе се пролонгира рокот за Клинички


Каде точно ќе се гради новиот Клинички центар сè уште не се знае. Министерот за здравство Венко Филипче за „Независен весник“ открива дека се прави проверка и анализа на земјиштето со цел да определи, како што рече, чисто државно земјиште за да не се навлезе во процес на експропријација. За анализа на земјиштето формирана е работна група од членови на Министерството за здравство, Министерство за транспорт и врски, Град Скопје, Катастар и Општина Карпош, кои веќе работат на оваа проблематика.

„Имавме одлични дискусии со луѓето во седиштето на Банката на Советот на Европа, разговаравме за опциите што ни претстојат, како да го димензионираме новиот Клинички центар, каде да се лоцира со оглед на тоа дека веќе имаме едно одредено земјиште во Општина Карпош во населбата Злокуќани, а има и други локации во непосредна близина. Се надевам дека оваа варијанта ќе биде побрза“, рече Филипче.

Анализата на здравствениот систем, пак, ќе ја прават експерти од Европската комисија во која ќе бидат вклучени и тимови од Банката на Советот на Европа. Тие ќе го анализираат системот на сите нивоа, за да се димензионира Клиничкиот центар според бројот на дејности, кревети и големината. Министерот очекува целиот процес на проценка и иницијални планови за Клиничкиот центар да завршат до Нова година, а работата и идентификацијата на земјиштето во текот на следната.

„Тоа што сакаме да направиме е пред сè да го најдеме најдоброто решение, можеби рокот ќе се пролонгира за една или две години. Сега не можеме да направиме проценка кога би бил готов новиот Клиничкиот центар. Нормално, сите ние сакаме да биде што побрзо, но нема да избрзуваме затоа што сакаме да сме сигурни дека тој проект добро ќе им служи на сите граѓаните на оваа држава повеќе децении. Сакаме тоа да биде модерен центар кој ќе ги интегрира сите сервиси за пациентите“, подвлече Филипче.

Проценката дека новиот Клинички центар ќе чини 400 милиони евра е стара, додаде министерот Филипче. Според него, треба се направи нова поради тоа што е сменета ситуацијата и планираат малку поинаков концепт, односно да се потенцираат болниците на секундарно ниво бидејќи така ќе се намали притисокот кон Клиничкиот центар.

Од Банката на Советот на Европа се согласиле да го финансираат и новиот проект за изградба на Клинички центар, ама инсистирале тоа да биде по соодветната анализа. Парите што ги додели Банката на Советот на Европа од 70 милиони евра за да се гради новиот Клинички центар државава не ги ни повлекла, оти такви всушност биле преговорите, парите да не се повлечат, а притоа да не платиме пенали.

Исто така, кон средината на идната година ќе се знае како ќе изгледа и кога ќе почне изградбата на новата Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Општина Аеродром, на местото на сегашен Мајчин дом. Идејните решенија што учествуваа во конкурсот за идеен проект за новиот објект беа презентирани во Музејот на современа уметност. Најверојатно, рече министерот, во новата болница ќе работат оние што сега се во Мајчин дом.

На старата Градска болница (Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“) не сите оддели се функционални, рече в.д. директорот Иван Спировски и подвлече дека е неопходна изградба на нов модерен објект на здравствената установа, каде што ќе има подобри услови за работа на здравствените работници и за лекување на пациентите, каде што ќе и има дневна болница.

„Најголем проблем е што во сегашниот објект на оваа болница просторот е ист како во 1962 година, а бројот на персоналот се зголемува поради ширење на патологијата. Да создадеме модерни услови во здравството, за здравствените работници, пациентите и за генерациите што доаѓаат“, рече Спировски.

Вероника Мароска-Леова