Филипче: Експерти од ЕУ ќе обучуваат лекари во Македонија


Бараме партнер, универзитетска болница од ЕУ, со цел експерти, посебно за работи коишто не се изведуваат кај нас, да пратат доктори кои во Македонија ќе ги тренираат нашите лекари, вели министерот за здравство Венко Филипче во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Во таа насока веќе е разговарано со Министерството за здравство од Бугарија, а, како што посочува, во тек се разговори и со една болница од Германија.

За реакциите во јавноста по неговата изјава дека проблемот со високата стапка на смртност на новороденчињата и родилките е и поради тоа што родилките не водат грижа за нивната здравствена состојба, министерот вели дека целта воопшто не била некој да биде навреден, но, како што наведува, има еден одреден број жени на кои првото појавување на гинеколог им е на самото породување.

– Сакајќи да направиме акциски план за стратегија за сериозно да се зафатиме со решавање на овој проблем, сакавме да влијаеме врз сите фактори за кои сметаме дека имаат влијание на проблематиката со која што сме се зафатиле. Се осврнуваме и имаме план за тоа како ќе влијаеме на ниво на Гинеколошката клиника во смисла на набавување соодветна опрема, веќе се започна со процесот на набавување на инкубатори. Знаете порано по две новороденчиња имаше во еден инкубатор, сега има 16 нови инкубатори, наведува Филипче.

Понатаму, додава, имаме план за подигнување на нивото на знаењето на докторите кои работат во таа струка. Започнуваме процес на едукација. Доаѓаат стручњаци од странство, од СЗО, кои по светски стандарди ќе ги обучуваат нашите лекари кои работат на таа проблематика и ќе ги тренираат да бидат обучувачи. Работиме и на примање нови доктори, како гинеколози по општините, така и на неонатолози во родилиштата. Ги активираме мобилните гинеколошки амбуланти сместени во специјални возила за пациентки на кои не им е таа услуга достапна. Во таа смисла воопшто не беше целта некој да се најде навреден, но има еден одреден број жени на кои првото појавување на гинеколог им е на самото породување, појаснува ресорниот министер.

Освен на стратегија за намалување на смртноста на новороденчињата, како што информира, работат и на план за едукација генерално на сите доктори во државата и тоа како преку соодветни тренинзи во странство, но соодветно долго за да може да го стекнат нивото на експертиза, така и на носење експерти локално во наши услови.

Следна стратегија која ќе ја обелоденат е за намалување на инфекциите во болниците, а во таа насока е ревидирана комисијата за антимикробни и интрахоспитални инфекции и ќе се направи и акциски план.

– Во рамки на економските перформанси на државата и генерално на финансиите и на Фондот за здравствено осигурување, вложуваме максимални напори да ги подобриме платите на нашите доктори и медицинскиот персонал. Петпроцентното зголемување е само почеток, очекуваме дека со ребалансот ќе има повеќе, понатаму да се одвои екстра сума пари со која ќе се зголеми цената на чинење на дежурството на сите здравствени работници низ целата држава, вели Филипче и додава дека има интерес од голем број приватни лекари да се вратат во јавното здравство.

Зголемувањето на платите, најавува, ќе почне во втората половина на годината, а зголемувањето на парите за дежурствата во првата половина на годината.

Во однос на случајот со смртта на родилка во приватна болница во текот на операцијата Филипче информира дека Комисијата која го испитува само делумно завршила со работата и оти целокупната документација ќе биде комплетирана кога ќе пристигне извештајот од Институтот за судска медицина, кога и ќе излезат со официјален став.

Уверува дека во сите домашни јавни здравствени установи за анестезија се користат европски и квалитетни лекови.