„Физика на тагата“ го враќа во живот Кумановскиот театар
Премиера и уште три последователни распродадени репризи на претставата „Физика на тагата“ во Кумановскиот театар, според романот на Георги Господинов во режија на Милош Б. Андоновски и драматизација на Ивана Нелковска. Претставата го врати Кумановскиот театар на голема врата, а интересот за неа сè повеќе се зголемува.
Романот на Господинов важи за еден од најдобрите современи книжевни дела во регионот и низ Европа, кој раскажува за тагата, емпатијата низ повеќеслојни приказни, лавиринти во кои секој читател се пронаоѓа на свој начин. Неоспорно е дека ова книжевно дело е предизвик, но и храброст да се драматизира и да се постави на театарска сцена. Режисерот Андоновски заедно со драматургот Нелковска обработиле една перспектива од лавиринтите на Господинов, селектирајќи неколку приказни од романот, умешно вклопени во 65 минути.
Дејствието раскажува за седум физичари кои се собрале да ја решат формулата на тагата, а за таа цел ја анализираат токму книгата на Господинов. Во нивните обиди да констатираат конечна формула за тагата кај луѓето, тие наизменично влегуваат од приказна во приказна и повторно се враќаат на својата првична улога – научници по физика. Излегување и влегување од една улога во друга без напуштање на сцената не се нешто што вообичаено го гледаме во македонските претстави, но актерската екипа солидно го совладала овој предизвик.
Ова е прва институционална претстава на младиот режисер Андоновски, кој е родум од Куманово. Под претпоставка дека добро го познава актерскиот ансамбл во овој театар, направил одлична подела на улогите.
Мешаната екипа на помлади и повозрасни актери им дава посебна убавина и тежина на приказните кои ги презентираат. Улогите ги толкуваат: Горан Илиќ, Марко Трајковиќ, Јасмина Василева, Александра Пешевска, Кети Дончевска Илиќ, Нина Максимова и Симона Димковска.
Седумте физичари не постојат во романот на Господинов, но во драматизирањето на делото, Нелковска тоа креативно го понудила како решение, за претставата да има течение и секој да може да ја разбере. Овој потег на Нелковска и Андоновски е како меч со две острици, бидејќи додавањето плус приказна на вакво дело може да биде и потфрлање. Сепак, со нивната креативност во драматизацијата и одличните режисерски решенија на сцена дадоа нова перспектива. На овој начин, секој што ќе ја погледне претставата ќе може целосно да се внесе во неа, дури и ако го нема прочитано романот.
Сценографијата изработена од архитектката Наташа Вчкова е добро решение за да можат сцените бргу и лесно да се менуваат без да се остави публиката да чека. Големи дрвени плакари кои потсетуваат на минатото, полни со гломазни папки кои се со испишани формули за физичарите, таква е првата поставеност на сценографијата. Но, практичното решение на Вчкова овозможува плакарот да биде и маса, врата, фотелја, табла за решавање задачи, во зависност од тоа која сцена се игра.
Костимографијата на Марта Дуфне се вклопува во секоја сцена и време во кое се одвива дејствието, но им дава и личен карактер на секој од физичарите посебно, како и на ликовите што се интерпретирани од приказните на романот.
Андоновски внесе и една друга новина. На негово инсистирање се враќа практиката на одржување тркалезна маса по претставата. И тоа се случуваше на сите четири изведби. Публиката има можност да постави прашања, да размени мислење со екипата, но и да даде забелешки и сугестии.
Бидејќи театарската сезона завршува, од септември повторно ќе биде поставена на редовниот репертоар, а веројатни се гостувања и во Скопје и во други градови низ земјава.
Но, препорачуваме „Физика на тагата“ да ја гледате во театарот во Куманово, од чиста причина што (не)условите во кои твори овој ансамбл директно се лепат на тагата за која зборува претставата. Ваква посветена и талентирана екипа заслужува достоинствени услови за работа.
Ивана Настеска
Фото: Наташа Вчкова