ФЗОМ: За Ева се одобрени 145.000 евра


Фондот за здравство одобрил пари за 11 годишната Ева Крстаноска од охридско да се лекува во болница во Турција. Според соопштението од ФЗОМ, сумата која била одобрена е 145.000 евра.

Малата Ева почина синоќа, откако родителите не стигнаа да го соберат остатокот од парите за да доплатат и да ја однесат во Германија, каде сметале дека има подобри услови за лекување на нејзината болест, леукемија.

„Поднесеното барање беше разгледано во два наврати од страна на Лекарските комисии за упатување на лекување во странство при Фондот и по прибавување на потребната документација неопходна за донесување на решение на седница одржана на ден 27.06.2018 година Лекарските комисии дале конечна оценка и мислење врз основа на кои Фондот донесе решение УП 1 бр.10-170 од 28.06.2018 година со кое на осигуреникот К.Б. за неговото дете К.Е. му одобри упатување на болничко лекување во странство во Универзитетската клиничка болница Gaziosman Pasa во Истанбул, Турција во траење од 150 дена за спроведување на хемотерапија и алогена трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во вкупен износ од 145.000,00 евра, со придружник при заминување и при враќање од лекувањето“, се вели во соопштението на ФЗОМ.

Понатаму, тие велат дека со ова решение е одобрено патување со санитетски авион при заминување на лекувањето за кое трошоците ќе беа предмет на посебна постапка, а при враќање патување со авион.